Лидерска средба на македонскиот државно-политички врв на 10 април, по Велигден.
Премиерот Зоран Заев изјави дека е поголем оптимист по последната рунда разговори во Виена на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коцијас со медијаторот Метју Нимиц (од 30 март) и дека може да се најде решение за спорот со името.
Премиерот во понеделникот имаше едночасовна средба со министерот Димитров и ги слушнал сите детали од разговорите во Виена.
– Драго ми е што можам да потврдам дека има позитивен исчекор во разговорите. Тоа, секако, е само исчекор. Условеноста во разговорите значи дека имало договор и за оние прашања кои сега се исчекор кога комплетно би се договорило се. Тоа дава можност на еден навистина отворен пријателски начин двајцата министри слободно да разговараат за секој сегмент на чувствителноста на прашања за конечно да се изнајде решение за проблемот за името. Ако некој ме праша дали сум повеќе или помалку оптимист и позитивен, јас сум повеќе позитивен и поголем оптимист после оваа средба што Димитров ја имаше со Коѕијас во Виена под раководство на посредникот Метју Нимиц, изјави премиерот Заев.
Тој информираше дека уште минатата недела била испратена покана за лидерска средба, за да можат учесниците да планираат да се состанат пред велигденските празници.
– Но веројатно и поради други агенди на дел од учесниците, пред се од опозицијата, беше побарано овој постигнат напредок во разговорите да биде споделен на билатерални средби на министерот за надворешни работи со мене, со претседателот на државата, со претседателот на Парламентот, со шефот на опозицијата и со лидерот на ДУИ, а по Велигден, на 10 април, на пример, да се одржи лидерска средба, рече Заев.