По повод 73 годишнината од смртта на истакнатиот поет и основоположник на современата македонска литература, Кочо Рацин, МЛД “Кочо Рацин” минатава недела одржа поетско читање во просториите на библиотеката во Mill Park.
Гордана Димовска и Виолета Јовановска присутните ги запознаа со делото на Koста Апостолов Солев Рацин, роден во Велес на 22 декември 1908- убиен на 13 јуни 1943 во Лопушник – македонски книжевен деец, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри” објавена во Загреб, во 1939 година претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Стихозбирката е испечатена во 4.000 примероци и се растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија, постигнувајќи голем успех.
Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, философијата и литературната критика. Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт.
Интересен беше фактот што многумина од присутните се уште напамет ги знаеја неговите стихотворби кои пред повеќе од 45 години ги имале изучувано во школските денови.
На поетското читање настапија: Стеван Ацевски, Вера Георгиевска, Крсте Наумоски, Шана Јовановска, Даниел Димовски и Алиша Маре Циминели, Гордана Димовска и Виолета Јовановска.


