Владата на Зоран Заев во понеделникот го потврди Дововорот потпишан во Нивици и веднаш го препрати како закон да биде усвоен во Собранието на Република Македонија.
Таму треба да гласаат и да го усвојат со обично мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник, што значи дека 31 треба да гласаат „за”, за договорот биде ратификуван.
Потоа следува негово испраќање до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство – 61 пратеник треба да гласа „за”. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Понатаму спроведувањето на договорот е планирано да се случува етапно. Ќе стапи во сила дури откако двете страни ќе го ратофикуваат (значи и Грција). Но, доколку која било од страните не го прифати договорот тоа ќе значи дека договорот не важи.
Македонските граѓани ќе имаат можност да се изјаснат на референдум кој треба да се одржи во септември или октомври.
Македонија, според договореното, до крајот на годинава ќе треба да ги усвои и амандманите на Уставот за што е потребно 2/3 мнозинсво во Собранието.
Со Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство што во Преспа го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).
Со Договорот се признава – македонски јазик без фуснота. За државјанство е предвидено: Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија – во сите патни документи.
Грција ќе го извести претседателот на Советот на ЕУ дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Македонија. Грција ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на Македонија.
Предвидени се два преодни периода, еден „технички” и еден „политички”.
„Техничкиот” преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација во Македонија за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува најдоцна во рок од пет години по стапување во сила на Договорот.
„Политичкиот” преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.
Откако во Македонија ќе се одржи референдум и се извршат уставните измени (доколку тоа биде мине позитивно), дури тогаш Грција треба да го ратификува Договорот во својот парламент. Истовремено грчкиот парламент ќе го ратификува протоколот за членството на Македонија во НАТО (поканата ќе биде дадена на 12 јули, а потоа следи една година период во кој сите членки го ратификуваат приемот во своите парламенти). Грција исто така се обврзува да не приговара на барањата за членство или членството на Македонија во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции.
Македонија ќе бара прием во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции под името Република Северна Македонија.
Двете страни со потпишаниот Договор прифаќаат дека нивното разбирање на термините „Македонија” и „македонски” се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
За Грција – тие термини ја означуваат областа и народот во северниот регион на Грција и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. За Македонија – тие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство.
Во рок од шест месеци Македонија ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културно наследство на Грција, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство (ќе постави табли со текст “припаѓа на елинското и светско наследство”).
Во рок од еден месец страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди.
Страните се согласуваат дека нивната стратешка соработка ќе ги опфати сите сектори, како што се земјоделство, цивилна заштита, одбрана, економија, енергија, животна средина, индустрија, инфраструктура, инвестиции, политички односи, туризам, трговија, прекугранична соработка и транспорт.
Грција го подига нивото на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на Амбасада и обратно.
Страните натаму ќе ја развиваат нивната економска соработка во сите области. Особен фокус ќе се стави на јакнење, зацврстување и продлабочување на нивната билатерална соработка во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот.
Со Договорот е предвидено сите спорови да се решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации.
Оваој договор носи наслов “Конечна спогодба за решавање на разликите” и со нејзиното влегување во сила престанува да важи Времената спогодба потпишана во Њујорк, на 13 септември 1995 г.
ДОГОВОРОТ НАКУСО
– Име – Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот
– Јазик – македонски, без фуснота
– Националност – македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia)
– Новото име Република Северна Македонија ќе почне да се употребува на меѓународен план откако договорот со Република Грција ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји
– На внатрешен план новото име на земјата ќе се употребува по отворање на поглавјата за преговори за членство во ЕУ, но не подоцна од пет години од потпишување на договорот
– Договорот станува валиден откога ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји
– По уставните промени, кои ќе следат по евентуален успешен референдум, договорот се ратификува во парламентот во Грција. При тоа ќе се ратификува и договорот за името, но и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Оттогаш почнува меѓународната употреба на новото име.
– На 28 јуни годинава, Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија,
– Кодовите за Македонија остануваат MK / MKD освен за табличките на колите NMK (отстапка за да немало провоцирање на Грците!?)
– На 12 јули, на самитот на НАТО, Македонија да добие покана за членство во Алијансата како нејзина 30-та членка.
ЗАЕВ: ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ГО ИМААТ ПОСЛЕДНИОТ ЗБОР ЗА ДОГОВОРЕНОТО ИМЕ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
“Договорот го гарантира и го зајакнува македонскиот идентитет. Никој повеќе да не го оспорува или негира. Македонски јазик, Македонци, Македонски, Македонец, Македонка, обезбедено еднаш засекогаш. Граѓаните треба да излезат на референдум и тој да биде успешен. Граѓаните ќе ја донесат одлуката, а јас јасно го соопштувам мојот став и праќам апел граѓаните да ја зграпчат оваа шанса”, рече премиерот Зоран Заев кога го објави договорот со Грција.
ГРУЕВСКИ ЗА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА: ПРОЧИТАЈТЕ ГО, ПРЕД ДА ПОВЕРУВАТЕ НА РАЗНИ ТВРДЕЊА И ИНТЕРПРЕТАЦИИ
– Го прочитав текстот на договорот со Грција, објавен во медиумите. Во меѓувреме прочитав дека Владата веќе го усвоила на вонредна седница. Препорачувам секој да го прочита, пред да даде свое мислење, без да верува на тврдењата и интерпретациите на различни домашни или надворешни политичари, партии или медиуми. Не дозволувајте ни друг да ви го раскажува или интерпретира. Потрошете 20-30 минути од Вашето време, пишува поранешниот претседател на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.