Австралискиот федерален пратеник од Викторија Тим Ватс ја повика владата во Канбера да го следи примерот на САД, Обединето Кралство и Канада за признавање на уставното име на Република Македонија.
Ватс во допис до Агенцијата за иселеништво на Македонија вели дека САД, Обединето Кралство и Канада одамна направија разумни чекори со користење на „преферираното име на Македонците, во билатералната соработка”.
– Австралија е место кое се темели на хармонично општество, со покажување почит и толеранција кон другите. Треба да ја покажеме истата почит и кон Македонците, истакнува Ватс.
Тој очекува активната Парламентарна група за соработка меѓу двете земји, како и многуте македонски организации во Австралија да го продолжат овој позитивен тренд, сменувајќи ја перцепцијата на Австралија за Република Македонија.
Пратеникот Тим Ватс е претставник на изборната единица Gellibrand, во која се опфатени југозападните населби: Саншајн, Лавертон, Седон, Фуцкрај, Алтона, Њупорт, Спотсвуд и Вилијамстаун. Во овој дел се наоѓа црковната општина Св. Илија и тука се одржува фестивалот на храната.
Во Австралија има позитивно расположение за признавање на земјата под уставното име, но има и конфузија зошто земјата не може да го користи уставното име.
Во меѓувреме расте поддршката во федералниот Парламент за признавање на уставното име на Македонија. Барањето на пратеникот од Викторија Тим Ватс е после јавните настапи на пратениците Лук Симпкинс, Алана Мектирнан, Стивен Џоунс, Крег Кели и Шерон Бирд.
Време е Австралија да го направи вистинскиот и единствен разумен чекор и да почне да го употребува уставното име во билатералната комуникација.
Македонија засега за подршка во Парламентот може да смета до 24 пратеници. Се очекува дека оваа бројка и натаму ќе се зголемува.