Поддршката за работните места во Австралија се зголеми со уште 14 милијарди долари

Австралија ќе додаде дополнителни 20 милијарди австралиски долари за поддршка на работните места, додека гувернерот на централната банка Филип Луи предупреди на тешко закрепнување бидејќи здравствената криза продолжува.

Владината програма за субвенционирање на платите, која во моментов поддржува околу 3,5 милиони вработени, ќе биде продолжена за шест месеци до крајот на март, но со пониска стапка, рече прајминистерот Скот Морисон. Со дополнувањето се прошири и додатокот на бенефиции за невработеност, повторно со пониска стапка.
„Го поздравувам проширувањето и прилагодувањето на двете мерки”, рече Луи. „И двете обезбедуваат важна поддршка за домаќинствата и деловните субјекти, и двете играат важна улога во намалувањето на скапите економски лузни”, рече тој.
По првичниот успех во контролирањето на вирусот, Австралија се соочи со втор бран во Викторија, кој принуди околу 5 милиони луѓе да се вратат во изолација. Блокадата на вториот по големина град во земјата, кој придонесува со околу една четвртина од националниот бруто домашен производ (БДП), се заканува да го поремети економското закрепнување.
Гувернерот Луи ја опиша ситуацијата во Викторија како „многу загрижувачка” и рече дека Централната банка на Австралија ја следи ситуацијата „внимателно”.
Луи предупреди на ризиците од долготрајната пандемиска криза од ковид-19, истакнувајќи дека „колку подолго трае и колку се понеизвесни работите, толку е потешко да се опорави економијата”.
„Патот напред се очекува да биде нерамномерен и во моментов е на крстопат на пазарот на трудот. Единствениот начин да се подобри ситуацијата е ако светските научници развијат вакцина”, рече Луи.
Тој се спротивстави на воведувањето на негативни каматни стапки и интервенцијата на девизите. Гувернерот исто така е против финансирањето на државниот долг преку монетарната политика.
„Овие повици се релевантни само во ситуација кога високиот државен долг ја ограничува можноста на владата да ги обезбеди потребните фискални стимуланси финансирани преку нормални канали. Јасно е дека Австралија не е во слична ситуација”, рече Луи.
Во март, централната банка ги намали клучните каматни стапки на скоро нула и постави цел од 0,25% за приносот на тригодишните државни обврзници.
Во записникот од последната средба на институцијата се вели дека одборот ги разгледал мерките за итни случаи и одлучил дека нема потреба од нивно прилагодување во сегашното опкружување. Сепак, членовите се согласија „да продолжат да го оценуваат развојот на ситуацијата во Австралија и не исклучуваат прилагодување на тековниот пакет доколку тоа го бараат околностите”, се вели во соопштението.
Луи го цитираше Меѓународниот монетарен фонд, „Најголемата грешка во политиката сега е да се повлече поддршката премногу брзо”.
Програмата „JobKeeper” со коа владата да плаќа по $1.500 долари субвенции за плата по вработен на секои две недели им помага на компаниите во ова тешко време да ги задржат своите вработени.
Програмата ќе има две нивоа на повлекување од крајот на септември. Првично, платата ќе се спушти на $1.200 за вработените со полно работно време и на $750 долари за вработените кои работат помалку од 20 часа неделно. Од јануари до крајот на март субвенциите ќе се намалат повторно на $1.000 и $650 долари.

Останати вести