Во Сиднеј: Подем на македонската култура

Минатиот петок и сабота имавме можност да ги видиме двете последни претстави на драмата „Борење со мечка” од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу и во изведба на Австралиско македонскиот театар од Сиднеј. Со тоа заврши нивната сезона за оваа година, а на почетокот на наредната година се најавува нова претстава, како и можно гостување во Македонија.

На завршната претстава се виде професионализмот на целата екипа која даде се од себе за да ја задоволи публиката и да ги прикаже ликовите на начинот на кој ги замислил авторо. Пораките беа јасни но испреплетени во животите на две македонски семејства соочени со секојдневните здравствени и културни предизвици, сонови и очекувања и смртта како неизбежен предизвик во животот. Интересно беше што најмладата артистка Валери Пеовска, која ја заменуваше Стефани Степановска, успеа така спонтано да се вклопи во самата екипа и да донесе свежина во претставата. Бабата Велика, која ја играше Јаворка Котевска, со секое излегување на сцена беше пречекувана со воодушевување – нејзиниот карактер беше близок и мил. Тука беше и извонредната динамична сценска енергија што ја создадоа Ирена Вељанова, Васко Србиновски, брачниот пар Никола и Валентина Апостоловски, како и Владо Сазданов, кој донесе комична свежина во претставата и „медицинскиот тим” со Самоил Митревски и Мена Ристевска.
Со овие претстави, кои беа прикажани на англиски и на македонски јазик, како дел од програмата на Hurstville Discovery Festival, драмата „Борење со мечка” беше земена како централен фокус на целиот фестивал, односно на Конференцијата – форумот за здравје и уметност (Arts and Health Forum) на кој зедоа учество врвни предавачи како Helen Zigmond, директор на Институтот за креативно здравје, која зборуваше за влијанието на уметноста врз здравјето и водечката улога што Австралија ја води во светот благодарение на иновативните програми на емигрантите; Dr Astrid Perry, директор на Мултикултурната служба за здравје, која специфично зборуваше за драмите „Страв и срам” и „Борење со мечка” кои се вклучени и во програмите за обучување на здравствените работници и студенти; почесниот градоначалник на Хрствил Philip Sansom зборуваше за улогата на локалните влади што ја имаат во нудење на услови ваквите културни и здравствени програми да се развиваат. Двете претстави беа отворени со Мултикултурниот хор Fiestaville, главно составен од Кинези и Индијци, со изведбата на македонската песна „Дојди моме на вечера”, интерпретирана на македонски, кинески и индиски. Покрај културната програма се промовира и македонската кујна преку мазници, зелници, ајвар и македонското вино.
Убаво е да се забележи дека драмата „Борење со мечка” имаше седум изведби на македонски и три изведби на англиски јазик и можам слободно да нагласам дека не постои театар во дијаспората кој вака наизменично ги дава своите претстави, а со тоа да се заклучи дека Австралиско македонскиот театар од Сиднеј е амбасадор во промовирање на македонската култура во светот.
Иван Трпоски

Останати вести