Подготовки за македонскиот фестивал на храната

Како што е најавено во медиумите, Македонскиот фестивал на храната  под слоганот Македонско и вкусно, ќе се одржи на 27 октомври во Commonwealth Reserve, Nelson place&cnr of Syme St  Williamstown.

 

Управниот одбор  неуморно работи на деталите околу организирањето на штандовите, застапеноста на разновидна храна, дистрибуирање на памфлети како и организирање на богатата културно уметничка програма.

Несомнено е дека интересот за овој фестивал на храната е огромен и со нетрпение се очекува.

Оваа година ќе има многу поголем избор на македонски традиционални јадења , па посетителите ќе имаат можност да уживаат во вкусот на: тавче гравче, сарма, бурек, полнети пиперки, пастрмајлија, пекарски производи, тулумби и други специјалитети препознатливи во македонските градови.

Вредно се работи и на амбиентот кој треба да ја отсликува македонската традиција на служење на македонско кафе во минатото. За таа цел ќе бидат поставени неколку македонски софри со триножни столчиња.

За тој амбиент да биде што покомплетен, ќе се погрижат и одговорните за поставување на Музеј во кој ќе се изложат народни носии, јамболии, батании, стари предмети кои потсетуваат на минатото.

За најмладите ќе има и забавен парк со лизгалки, искачување по карпа (climbing rock), бојадисување на лицето (face painting), животни ( animal farm).

Отворањето на фестивалот ќе биде во духот на традиционалната македонска музика. Во звуците на тапанот, кавалот и гајдата ќе укажеме на посебноста на македонските народни инструменти кои од дамнина до денес ја воспеваат радоста, тагата, гордоста на македонскиот човек низ историјата.  На сцената ќе продефилираат 7 културно уметнички друштва,  меѓу кои и гостите од Сиднеј, КУД Илинден –Рокдајл.  Со избор на песни ќе настапат и Иван Радевски, Стефани Ѓорѓиовска, Љупчо Ангелевски. Од учениците при Викториското училиште за јазици (Кeilor Downs) ќе прозвучат најубави стихови за Македонија, песни за Македонија, хумор и легендата Ајдучка чешма.  Исто така ќе има настап и на CB dancers со tap dancing како и песни од наши деца кои пеат во  Vocal  Art studio. Управата на MACO, изразува огромна благодарност до сите инволвирани, волонтери, учесници, и медиуми кои не поддржуваат. Со нашите залагања на секое поле, допринесуваме за развој на мултикултурното општество во Австралија како и јакнење на нашиот идентитет како македонска нација.

Ваше е да дојдете и постанете и вие дел од популарниот Македонски Фестивал на храната.

Останати вести