Минатиот петок, 12 октомври, Литературното друштво „Григор Прличев” во своите простории организираше Беседа за македонскиот национален празник 11-ти Октомври и им се даде почит на паднатите борци за ослободување на Македонија и формирање на Република Македонија.
Со реферат за значењето на 11-ти Октомври настапи поетот Иван Трпоски при што меѓу другото изнесе дека „коските им се превртуваат на македонските борци кои го дадоа својот живот за формирање на Републиката, а сегашната влада на Република Македонија ја потценува нивната борба, ја валка нивната крв и се обидува да ја избрише македонската историја со прикривање на злосторствата на бугарските фашисти и грчките монархофашисти”.
Поетот Перо Дамчевски-Коцин зборуваше за загинувањето на неговиот татко Борис Димитрија Дамчевски во борбата за ослободување на Прилеп. Перо беше само две години кога неговиот татко го положи својот живот за да можеме сега ние слободно да живееме со свој идентитет, го зборуваме македонскиот јазик и се гордееме на својата држава.
Потоа поетите Иван Трпоски, Перо Дамчевски-Коцин, Орце Марковски, Кирил Каранфилов, Ванчо Салиоски и Душан Ристевски настапија со своја поезија посветена на 11-ти Октомври и Македонија.
Душан Ристевски



