Овој број на “Today-Денес” веќе ќе биде во вашите раце кога се очекува дека во Брисел ќе се случи историската покана до Македонија за приклучување во НАТО.
Националниот координатор зa Алијансата, Стево Пендаровски, објави дека на 11 јули попладне (во Австралија рано наутро 12 јули) на Самитот на НАТО и формално ќе биде ќе биде испорачана поканата. Најверојатно со истата формулација како во поканите што во 2008 година ги добија Хрватска и Албанија, а во 2015-та и Црна Гора. Веќе наредниот ден Македонија ќе седне на заедничка маса со сите земји членки на состанокот за Авганистан, а ќе биде и една од потписнички на договор кој ќе се однесува на поефикасно справување со муниција.
Меѓутоа, поканата е само првиот чекор, кој ќе заврши со ратификација на членство во сите 29 земји членки. Некаде на средина од процесот треба да се исполнат преземените обврски од страна на Македонија – спроведување на референдумот и уставните измени.
Пендаровски ги објасни чекорите кои ќе следуваат по поканата: Владата на РМ со писмо до НАТО ќе одговори дека ја прифаќа и оти има намера да ги почитува обврските, а квартално (на секои три месеци) ќе го известува НАТО што е направено. Како што налагаат формалностите, откако ќе завршат пристапните преговори ќе дојде т.н. покана за потпишување на Протоколот за членство што ќе значи и старт на ратификацијата во земјите членки.
Рамноправна членка земјата ќе стане моментот кога и последната држава ќе го ратификува членството. Дотогаш Македонија сепак ќе присуствува на сите состаноци на НАТО, но нема да има право на глас. Нема да седи на маса со другите членки само во одредени исклучоци, како што е на пример, состанок за членство на некоја друга држава.
Во НАТО одлуките се носат со консензус. Се смета дека молчењето на секоја земја значи одобрување на предложениот документ. Со оглед на тоа што ниедна членка не кажа ништо против, се смета дека сите се согласни за приемот на Македонија.