По барање од Македонија, унгарската Влада испрати 31 полицаец на македонско-грчката граница, како помош на македонските полициски сили кои со месеци се справуваат со бегалската криза.
До почетокот на февруари полицајците од Унгарија ќе бидат распоредени околу Котата 59, по должина на гранична линија, заедно со припадниците на македонската полиција, и со нивните колеги од безбедносните сили од Србија и Хрватска, кои веќе две недели патролираат на границата со Грција. Дел од македонските медиуми објавија и дека новодојдените унгарски полицајци поседуваат и теренски, термовизиски камери (топлотни камери кои регистрираат движења) за лоцирање на нелегални мигранти.
Деновиве пристигнаа и полицајци од Словенија, кои дојдоа со кучиња-трагачи и џипови.
На границата кај Гевгелија моментно има околу 80 припадници на странски полиции кои помагаат во селекцијата на мигрантите. Од другата, грчката страна на границата никако да пристигнат најавуваните припадници на Европската агенција за граници – “Фронтекс”. Грција прави проблем тие да бидат распоредени на границата со Македонија.
И покрај селектирањето на лицата кои сакаат да стасаат до некои од земјите во Западна Европа, кое сега го спроведува и Грција, пропуштајќи само бегалци од воените подрачја – Ирак, Авганистан и Сирија, а враќајќи ги назад како еконономски мигранти државјаните од другите држави – сепак, еден дел од нив, успеваат илегално да ја преминат грчко-македонската граница. И тие, и покрај намалениот интерес на медиумите, можат да се забележат во пограничните села и на рутата кон северната граница.
Дневно на македонска страна се регистрираат и по најмалку 150 фалсификувани пасоши.
Според некоја статистика на македонската полиција, на двајца бегалци на македонската граница се откриваат 1.5 мигранти, што е навистина загрижувачки сооднос. Тоа покажува дека контролата и селекцијата од грчка страна не се врши според правилата воспоставени од ЕУ.
Иако малку стивнатиот бегалски бран веќе не е топ-тема во македонските медиуми, на македонско – грчката граница и во новата година бројот на лицата кои влегуваат во Македонија е висок. За само два дена, речиси седум илјади бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак биле евидентирани за влез во Прифатниот центар кај Гевгелија. УНХЦР, македонскиот Црвен крст и невладините организации и понатаму секојдневно се грижат за бегалците, за кои најголеми проблеми се ниските температури и неизвесноста.
Во изминатата 2015 година преку територијата на Македонија поминале над 700,000 луѓе.