Македонската Влада одлучи да го плати патувањето на петчлената екипа што го направи филмот “Медена земја”, вклучително и главната протагонистка Атиџе Муратова, на доделувањето на 92-те “Оскари” во Лос Анџелес. Градоначалникот, пак, на Општина Лозово најави дека ќе ја вработи Атиџе, а на нејзината куќа во селото Дорфулија ќе постави сончеви колектори со што за прв пат ќе има струја!?
Тоа што филмот во изминатата година го обиколи светот и освои над 30 награди на филмските фестивали од Мумбаи до Сао Паоло очигледно не беше доволно. “Оскар” си е “Оскар”. Сега сите сакаат да се залепат на медот на популарноста.
На социјалните мрежи се пофалија и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, кој објави дека пешачел повеќе од 36 километри или 7 часа до селото во кое живее Атиџе Муратова.
Граѓаните на социјалните мрежи прашуваат дали прво треба да се сними филм што ќе освои многу награди и ќе се нареди во редот на најдобрите за да дојде ред да му се помогне некому?
Задолжително гледање по средните школи и факултетите
Како што објави техничкиот премиер Оливер Спасовски, по серијата највисоки меѓународни филмски признанија и номинациите за „Оскар”, македонската Владата одлучила да им оддаде достојно признание на авторите и протагонистите на документарецот „Медена земја” (Honeyland).
За Атиџе Муратова и семејството на Хусеин и Љутвие Сам со осум деца (кое учествува во филмот) ќе биде обезбедена материјална помош и домување, додека петчлената екипа која го сними филмот (режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, продуцентот Атанас Георгиев и кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут) ќе добие признание за успехот и месечен материјален надомест.
Освен тоа, Владата ќе се погрижи и за широка афирмација на благородните пораки што ги пренесува филмот. Филмот „Медена земја” ќе се прикажува во сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, а ќе се организира и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови и лицата од социјален ризик.