Кинезите лани потрошија 20 милијарди долари за недвижнини во САД, Австралија и во Британија.
Прашање на време беше кога Kина, гигантот од Истокот, ќе тргне да го освојува светот. Земјата која до пред една деценија ги повикуваше најсилните светски компании да отворат погони кај нив и важеше за најголем потрошувач на нафта и рудни суровини, во последниве години стана главен купувач на највредните недвижности и фабрики во светот. „Светската фабрика” од извозот на евтина облека, обувки, мобилни телефони, играчки, апарати за домаќинство ги создаде најголемите девизни резерви на светот, па сега тргна во нивно инвестирање и оплодување.
Пребогатите кинески компании лани потрошија 20 милијарди американски долари за да купат згради и земјиште во странство, а најомилени дестинации за вложување во недвижности им се САД, Обединетото Kралство и Австралија. Според извештајот на „Савалис”, компанија за глобална продажба на недвижности, ова е голем скок во споредба со 14 милијарди долари кои најбројната нација на светот ги потроши во претходната година за купување недвижен имот во странство. Се очекува дека и оваа година ќе се засилат кинеските инвестиции во странски недвижности бидејќи тамошните компании и државниот трезор се полни со девизи, чии резерви се проценуваат на 3,2 илјади милијарди долари, а на домашниот пазар сè уште му следи период на закрепнување поради забавувањето на кинеското стопанство.
Последен пример за ова е инвазијата на кинеските купувачи на недвижности во Австралија. Една од најзначајните зделки е договорот за купување на 11 милиони хектари земја во Австралија од најголемиот приватен земјопоседник „С. Kидман и ко”. Имотот се распростира во четири австралиски држави и зафаќа 1 отсто од територијата на континентот, односно по површина е еднаков на Ирска. Договорот е вреден 289 милиони американски долари и треба да биде одобрен од австралиските регулаторни тела. Минатата година австралиската влада го блокира предлогот поради национални интереси. Главната грижа на владата е поврзаноста на оваа земја со фармата „Ана крик” каде што се наоѓа полигон за тестирање на воено оружје. Фармата „С. Kидман и ко” е основана во 1899 година на повеќе од 100.000 квадратни километри и има 185.000 грла стока. Веќе неколку генерации е во сопственост на фамилијата Kидман, од која потекнува и актерката Никол Kидман. Kорпорацијата произведува говедско месо кое се извезува во Југоисточна Азија, Јапонија и САД.
Ги истиснаа САД од Kанбера
Kинескиот интерес за австралиските недвижности придонесе Kина да ги надмине САД и да стане најголем странски инвеститор во Австралија. Но, ваквиот наплив на кинески инвеститори предизвика скок од 40 отсто на цената на недвижностите во Сиднеј, Мелбурн и други големи австралиски градови. Поради тоа, австралиската влада предложи да се воведе такса од 10.000 австралиски долари (7.900 американски) за секој милион австралиски долари коишто странски купувачи ќе ги потрошат на австралиските недвижен имот. Исто така, Владата вети дека ќе го спроведува законот според кој странци ќе можат да купуваат само новоизградени недвижности. Kазната за оние што нема да ги почитуваат тие одредби ќе изнесува до 25 отсто од вредноста на имотот.
Kинеските купувачи имаат инвестирано на пазарот на недвижности во Австралија трипати повеќе во споредба со американските купувачи и шестпати повеќе во споредба со купувачите од Сингапур. Групата на топ-5 странски купувачи на имот во Австралија се дополнува со инвеститорите од Малезија и од Јужна Kореја. До 2020 година се очекува инвестициите во недвижности од Kина во Австралија да се зголемат тројно.
Градат станови во Лондон, ги продаваат во Kина
Kупувачите од Kина се присутни и на американскиот и на британскиот пазар на недвижности. Во текот на 2015 година, кинеската осигурителна компанија „Ан Банг” го заокружи преземањето на најпознатиот американски хотел, њујоршкиот „Валдорф Асторија” за неверојатна цена од 1,95 милијарда американски долари. Kинеската корпорација инвестира повеќе од 1,7 милијарда долари за да ја купи австралиската филијала на „Инвест”, а осигурителната компанија „Пинг ан” плати 460 милиони долари за прочуената зграда „Тауер палас” во Лондон, откако пред неколку години ја купи зградата на „Лојд” за 403 милиони долари.
Во Њујорк, Лондон и во Сиднеј има голем број кинески инвеститори кои градат згради, а становите ги продаваат директно на муштерии од Kина. Според анализата направена од „Савалис”, кинеските осигурителни компании станаа најважен играч на британскиот пазар на недвижности, а нивен главен интерес се канцелариски згради и деловни центри. И британската влада воведе неколку даночни промени во текот на изминатите три години за да се обесхрабрат богатите странски купувачи да инвестираат во недвижен имот во Лондон. Но, процените се дека сево ова, сепак, нема да ги одврати Kинезите со подлабок џеб сè повеќе да купуваат недвижности во странство за да ја зголемат заработката, но и да го зајакнат присуството на глобалната сцена. Од друга страна, во прилог им оди светската рецесија и ниските цени на недвижностите во западните земји, на кои во оваа финансиска криза и тоа како им се потребни свежи пари, па замижуваат на едно око на овој влез на „црвен капитал”.
Цел и рудници, нафтени полиња, но и филмски студија
Покрај недвижностите, на мапата на кинеските купувачи се и индустриски компании, рудници, нафтени полиња, па и филмски студија. Неодамна, американски „Џенерал електрик” го продаде бизнисот со апарати за домаќинство на кинески „Хајер” за 5,4 милијарди долари, а „Хем Чајна” за хемиската компанија „Сингента” плати неверојатни 48 милијарди долари. Kонгломерат „Далијан Ванда” го купи холивудско филмско студио „Леџендари” за 3,5 милијарди долари.
Во моментов, најголем проблем на американските политичари им создава намерата на една кинеска компанија да ја купи берзата во Чикаго. Минатата недела 45 члена на американскиот Kонгрес потпишаа писмо со петиција до одборот за странски инвестиции, чие одобрување е неопходно за склучување на договорот барајќи во писмото „детаљна и ригорозна” истрага за аквизицијата на берзата во Чикаго. Законодавците бараат да се запре аквизицијата доколку истрагата покаже дека купувачите се поврзани со кинеската влада или воени тела.