„Културното наследство е еден од главните атрибути за препознатливост на Македонија во светот, аргумент кој говори за нашето траење во историски контекст и затоа, во последните години, како никогаш досега, реализиравме огромен број инвестиции во сите сегменти од оваа комплексна област”, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
„Направени се истражувања на над 60-ина локалитети низ цела Македонија, а при бројните истражувања беа пронајдени над 500.000 артефакти од различни епохи кои говорат за богатата и разновидна културна стратиграфија на нашето археолошко наследство”, рече деновиве на опосебна прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, детално осврнувајќи се на реализираните активности на полето на обнова на повеќе музејски поставки, на обновата на депоата во музеите низ државата, на поставувањето на монтажните објекти за продажба на сувенири, на обновата и конзервацијата на фасади од старата градска архитектура во значајни градски јадра, на конзервацијата и реставрацијата на дел од црквите, манастирите, џамиите, фрескоживописите, иконите, иконостасите, тврдините, чаршиите.
Меѓу најавените проекти за реализација до крајот на годинава се: целосна конзервација на архитектурата и фресоживописот во црквата „Св. Богородица Перивлепта” во Охрид, конзервација на архитектурата и вредниот фрескоживопис во црквата „Св. Ѓорѓија” во Курбиново, конзервација на ѕидното сликарство на црквата „Св. Богородица”, во Велушина, целосна заштита на црквата „Св. Илија” во Стар Дојран, како и конзервацијата на внатрешноста во црквата „Св. Ѓорѓи” во Струга, а и проектот за адаптација на објектот „Јени џамија” во Битола во современ галериски простор. За 2017 година, министерката за култура најави финализација и на проектите за: надворешна реконструкција и внатрешна обнова на споменикот „Илинден” во Крушево, обнова на архитектурата и конзервација на фрескоживописот на црквата „Богородица Заумска” во Трпејца, целосна конзервација на црквата „Св. Никола” во с. Манастир, Мариово, конзервација, реставрација и санација на конаците на Лешочкиот манастир, заштита на манастирскиот комплекс „Св. архангел Михаил”, Берово, заштита на манастирот „Св. Гаврил Лесновски”, во Лесново, како и конзервација и реставрација на манастирскиот комплекс „Св. Никола” во селото Љубанци.
„До 2018 година е предвидена целосна реализација на проектот за изградба на Светиклиментовиот универзитет, инвестиција од околу 30 милиони евра. На површина од 17 илјади квадратни метри, интензивно се градат сите објекти кои се интегрален дел од овој проeкт: библиотеката, конгресниот центар, македонскиот институт за хуманистички науки, музејот на Плаошник, манастирскиот конак и резиденцијалниот објект на Македонската православна црква”, посочи министерката. Таа информираше дека до 2018 година треба да бидат реализирани и проектите за обнова на опожарените конаци, за конзервација и реставрација на црквата, трпезаријата, магерничкиот конак и магерницата на манастирот „Трескавец” кај Прилеп, како и реконструкцијата и конзервацијата на Античкиот театар во Скупи.

