Помина историската посета на Ципрас на Македонија, Заев со многу слики за спомен

Со сите државни почести во Скопје беше пречекан грчкиот премиер Алексис Ципрас. Македонскиот премиер Зоран Заев ја искористи приликата за да направи неколку самосликања со милиот му гостин, да го натера да ги кренат победнички рацете, па групна фотографија со сите министри… (шоу што на гостинот многу не му се допадна).

Изостана и интонирање на химните, па се постави прашање дали тоа е намерно (поради тоа што во текстот се вели “Македонија слободно живее”). Но во вакви случаи химите се интонираат без текст, а на платото пред владата воопшто немаше ниту воена гарда ниту оркестар.
Ова беше прва официјална посета на еден грчки премиер на независната македонска држава. Во делегацијата на јужниот сосед имаше десетина министри. Премиерите и министрите од двете влади потпишаа повеќе договори за интензивирање на билатералната соработка.
Заев и Ципрас потпишаа акциски план за зајакнување на сеопфатната соработка согласно Договорот од Преспа. Договор за соработка во сферата на одбраната потпишаа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот грчки колега Евангелос Апостолакис. Договор за отворање на нов граничен премин меѓу двете земји за поврзување на Мајдан (кај Кавадарци) и Промахеј во Грција, потпишаа заменикот МНР Андреј Жерновски и грчкиот алтернативен МНР Сија Анагностополоу.
Потпишани беа и неколку меморандуми: за соработка за европски прашања, за разбирање за развој на патното и железничко поврзување на рутата Солун–Скопје–Табановце, меморандум за соработка во енергетиката меѓу компаниите МЕР и ДЕСФА…
– Во изминативе месеци наназад стекнав многу добар пријател. Алексис е мој другар и пријател на нашата земја. Топло им препорачувам на сите да градиме пријатество со нашиот јужен сосед, но и со останатите наши соседи, изјави премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со грчкиот гостин.
– Триесет години ни поминаа пред да постигнеме пријателски договор меѓу нашите две земји. Најважно во нашата соработка ќе биде економијата. Има голем број на грчки бизнисмени кои веќе работат на идни планови во Северна Македонија. Со мене дојдоа над 100 стопанственици, а потпишавме многу договори и меморандуми, рече Алексис Ципрас.
Двајцата премиери го отворија и бизнис-форумот на кој учествуваа 400 стопанственици од двете земји, ама ниеден од Солунската стопанска комора.
Ципрас допатува со неговата невенчана сопруга со која се над 20 години заедно и имаат две деца, Бети Базана. Таа имаше посебна програма со сопругата на македонскиот премиер Зорица Заева.

Останати вести