– Ние и Бугарите немаме споделена историја, имаме заедничка историја – изјави во интервју за агенцијата БГНЕС премиерот Зоран Заев. Во текот на целото интервју со Љупчо Нешков (сопственикот на БГНЕС инаку е роден во Скопје, а неговиот татко на 16 години од Прилеп отишол во партизани кај Васко Карангелески) македонскиот премиер понизно и снисходливо го зборуваше токму она што сакаат да го слушнат во Софија.
– Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој се борел за слободата на Македонија и Одринско. Југославија е таа која не делела едни од други. Бугарија не била фашистичка, туку Бугарија е наш пријател. Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме иднина. Треба да создадеме позитивна атмосфера меѓу младите луѓе за да го искористат тоа минато како отскочна штица за подобра иднина во периодот што ни претстои, рече Заев и продолжи:
– Ако некој си дозволува да ја оцрни Бугарија со пи-ар објави во светот, ќе сноси одговорност. Тоа нема да го дозволам. Државата не учествува во тоа, ете видовте дека за 30 минути го сменивме новинарот Зоран Иванов од раководството во МИА поради објавата против Захариева и Бакојани. Јас како премиер во името на целиот македонски народ ја преземам обврската – спроведувањето на Договорот да биде за пример. Во прв ред зашто така ќе му служам најдобро на својот народ, но, се разбира, и на пријателска Бугарија. Лично јас ја потврдувам нашата позиција за целосно спротивставување на говорот на омраза, кој итно треба да биде прекинат, рече премиерот и продолжи во ист понизен стил:
– Исполнувањето на Договорот со Бугарија ќе биде закон. Република Северна Македонија ја потврди својата доверба кон Бугарија за да го штити нашето небо. Имаше голем притисок од Турција и од Италија. Но, ние рековме-извинете, прв сосед ни е Бугарија, затоа Грција и Бугарија ќе бидат двете држави, кои ќе ни го чуваат небото, вели Заев.
Тој даде уверување дека активистот на ВМРО-ДПМНЕ кој го запали бугарското знаме ќе понесе одговорност.
Според неговите зборови, „длабоката држава” останала во ВМРО-ДПМНЕ.
– Овие денови Антонио Милошоски, Христијан Мицкоски, Александар Николоски… тоа што го прават во Собранието… Тие инсистираат да одиме таму и да направиме кавга, расправија, рече премиерот, посочувајќи дека денешната ДПМНЕ е многу променета од онаа во 1999 година, предводена од Љубчо Георгиевски, која ја потпиша Заедничката декларација со Бугарија.
Бугарите ги ослободиле Кумановo и Паланка
Во однос на заедничката историја Заев рече:
– Одредивме заедничка прослава за историски личности од средниот век од Цар Самоил назад – до Кирил и Методиј, од Климент и Наум, имаме записници. Верувам дека двете земји се подготвени да ги објават, затоа што мора да ги вклучиме во учебниците. Бидејќи новите генерации не ја знаат целата оваа реалност, таа мора да не обедини. И во Македонија и во Бугарија, ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Треба да го смениме тоа. Ние веќе заменивме повеќе од 20 табли во земјата, каде што беше напишано „бугарски фашистички окупатор”. Во Воратат светска војна, на почетокот, имаше администрација. После тоа Бугарија беше дел од антифашистичкиот фронт. Бугарските и македонските трупи ослободија територии – Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и целиот овој дел. И ова е добар дел од нашата историја, што нè прави уште пообединети, итн. Ви ги потенцирам историските факти на кои треба да работиме во иднина, бидејќи минатото не ни ја даде оваа можност. Сега мора да покажеме здрав разум, во сегашните генерации, да го смениме сето ова во духот на големото пријателство што го имаме, што гарантира уште подобра соработка во иднина.

ЗАЕВ ПОТОА СЕ ДООБЈАСНУВАШЕ СЕБЕСИ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ: Жалам за негативните реакции на интервјуто
„Дозволете најпрво да изразам жалење што моето интервју за бугарскиот медиум предизвика толку силни негативни емоции, за кои сум целосно свесен и кои ги знам и разбирам до детаљ. Но, во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унијa”, порача премиерот Зоран Заев по лавината реакции за неговото интервју за БГНЕС.
„И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото.
Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите”, вели Заев насочувајќи се потоа околу антифашистичката борба.
„Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст”, вели Заев.
Според него, сега треба да работиме на отстранување на последиците од „железната завеса” кои се уште се осеќаат меѓу С Македонија и Бугарија.
„Историјата треба да не учи дека можеме и поинаку, дека можеме и подобро, дека треба да соработуваме, но и меѓусебно да ги почитуваме разликите помеѓу нас. Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации”, порача во дописот до јавноста Заев.