Попот Пантелиќ и оџата Мохоровиќ соработувале и имале голема взаемна почит. Оџата доживеа 92 години, а погребан е во харемот на блиската џамија во Пурачиќ. На неговиот погреб присуствувал и православниот свештеник.
Позитивните реакции на убавиот гест на православниот свештеник Славко Пантелиќ во Лукавац, во Босна и Херцеговина, кој на 21 септември нареди за време на поминувањето на погребната процесија на починатиот оџа Мехмед Мохоровиќ низ населбата Пурачиќ да се огласат и црковните ѕвона, очигледно добија друга, за жал, негативна димензија.
Имено, неодамна без претходна најава, од Епархијата зворничко-тузланска, свештеникот Пантелиќ добил налог за преместување во друга парохија по цели 11 години служба во претходната.
Бидејќи освен неговото семејство во Пурачиќ по војната во БиХ повеќе нема Срби, црковните камбани во знак на жалост на 21 септември ги биеше неговиот син Илија, а свештеникот Пантелиќ и самиот се приклучил кон поворката и го испратил оџата на гробиштата. Инаку, во парохијата, Пантелиќ имал околу 300 верници.
За време на неговата служба Пантелиќ и Мохоровиќ соработувале и имале голема взаемна почит. Оџата доживеа 92 години, а погребан е во харемот на блиската џамија во Пурачиќ.
– Инаку, и Бошњаците доаѓаа на погреби на нашите верници Срби, а внукот на починатиот е имам на локалната џамија во Пурачиќ, вели за Новости свештеникот Пантелиќ.
Иако е свесен дека не може да им се противи на одлуките на надредените, ниту да ги коментира, не сокрива дека му е жал што ја напушта парохијата.
– Ја извршувам наредбата од владиката и немам право да избирам. Кога дојдов во овој дел од Федерација БиХ, ситуацијата за Србите повратници не беше добра. Заминувајќи оттука оставам сосема поинаква ситуација, вели Пантелиќ.
На месното население не им е по волја оваа ненадејна промена.
– Повеќето од нас сметаат дека тоа е направено поради неговиот соседски гест да заѕвонат камбаните од црквата и тоа што беше на погребот на оџата, вели еден од мештаните за весникот.
Жалат и во организацијата на Србите „Озрен” каде свештеникот многу помагал и помогнал да се започне со градба на спомен-обележје за загинатите и исчезнатите борци од Озренската бригада.
Од Епархијата зворничко-тузланска официјално не сакаат да ги образложат причините за смената на свештеникот Пантелиќ што отвори простор за шпекулации.