Некогашниот австралиски тенисер, Пет Кеш смета дека следната сезона може да биде последна на најдобриот тенисер на Шпанија, Рафаел Надал. Тој вели дека доколку и во новата сезона Рафа не ја подобри својата игра и пласман, ништо чудно да одлучи да замине во пензија.
„Мислам дека проблемите на Надал се од природен карактер и не сум сигурен дека ќе може да ги надмине. Шпанскиот стил на играње тенис не е едноставен и бара многу физичка подготвеност, а таа Рафа полека ја губи. Исто така, мислам дека Моја не е вистинското решение, но времето ќе покаже. Доколку и во новата сезона Шпанецот не ја врати претпознатливата форма, немојте да се чудите ако Надал се одлучи за пензионирање”, вели Кеш.
30-годишниот Надал поради ситни повреди веќе подолг период е надвор од тениските терени, а негово враќање се очекува на претстојниот егзибиционен турнир во Абу Даби.