Постакоглу ќе испроба нова тактика против Коста Рика

Енџ Постакоглу (48), е назначен за нов селектор на репрезентацијата на Австралија. Тој на оваа позиција дојде по отпуштањето на Холгер Осиек, чиј договор беше поништен по слабите резултати за време на квалификациите за светското првенство и како кулминација беа високите порази на репрезентацијата во пријателските натпревари проти Бразил и Франција. Енџ Постакоглу својот прв натпревар како тренер на Австралија ќе го има против репрезентацијата на Коста Рика, во вторник, на 19 ноември. Натпреварот ќе се игра во Сиднеј со почеток во 19:30 часот.

На овој подготвителен натпревар репрезентацијата ќе треба да покаже нов концепт на игра и подмладување на тимот, инаку ќе се игра без притисок бидејќи и двете репрезентации веќе се квалификувани за светското првенство во Бразил 2014. Австралија беше втора во групата, зад Јапонија, додека Коста Рика е втора во својата група, зад САД. Ова ќе биде прва средба на двете репрезентации на интернационално ниво.
За фудбалот во Австралија е исклучително важно репрезентацијата да игра пожртвувано и успешно, бидејќи во тој случај на домашно ниво рагбито, австралискиот фудбал и крикетот не можат да и парираат на светската арена што ја нуди овој спорт.

Останати вести