Глувонем пензионер од кратовското село Страцин секој месец добивал по 1,000 денари (околу $ 25) помалку отколку што реално требало да добие како социјална помош за своите две ќерки со нарушено ментално здравје.
Него систематски го поткраднувал вработениот во локалната пошта, кој му ги давал парите на рака. Наместо целата сума, вработениот во поштата си земал дел за себе. Бидејќи бил неписмен, пензионерот не забележувал што се случувало, но во јуни годинава забележал дека навистина добил помалку отколку што требало да му исплатат. Не знаел што се случувало со парите и, сомневајќи се дека некој го поткраднува, тој пријавил во локалната полициска станица. Првичните сомнежи биле дека парите ги зел шалтерскиот работник во поштенската единица во Страцин. Полицајците му рекле на пензионерот да се стрпи еден месец се додека не му стигне нова исплата на социјалната помош. Тие се договориле да подготват своевидна местенка и да ја пуштат јадицата за да видат дали поштенскиот работник ќе загризе и повторно ќе земе пари од човекот. – Пријавено било дека шалтерскиот работник од поштенска единица во Страцин на оштетениот Р.Ц. (72) од село Страцин, кој е неписмен, глувонем и со нарушено ментално здравје, при исплата на парични средства му исплатил 1,000 денари помалку од впишаниот износ во налозите за исплата, велат во СВР Kуманово. По еден месец, полицајците, заради докажување на пријавеното кривично дело, на 16 јули 2015 година отишле пред поштата кога пензионерот требало повторно да ги подигне парите од социјалната помош. – Тие го чекале пред поштенската единица во Страцин да ги подигне паричните средства кои му се исплаќаат за неговите две ќерки, кои се со нарушено ментално здравје. Осомничениот му исплатил 1,000 денари помалку од впишаниот износ во налозите за исплата. Полицајците, кои чекале надвор, ги пребројале парите и виделе дека недостигаат 1,000 денари – вели Валентина Николовска, портпаролка на СВР Kуманово. Таа објаснува дека веднаш било реагирано заедно со управителот на ЈП „Македонска пошта” од Регионалната единица од Kратово по што била направена контрола на бирото каде што работел осомничениот. – Под неговото бирото е пронајдена една банкнота од 1.000 денари. Не знаеме дали тоа се случувало и порано, но за овој случај имаме докази дека вработениот ја злоупотребил службената положба – додава Николовска.
(“Дневник”)