Луѓето постари од 40 години се најпродуктивни кога работат само три дена неделно, покажала најновата студија што ја објавил Универзитетот во Мелбурн.
Истражувањето во кое со помош на низа когнитивни тестови се анализирани работните способности на 3.000 мажи и 3.500 жени покажало дека луѓето на средна возраст се најпродуктивни ако неделно на работа не поминуваат повеќе од 25 работни часови.
Лицата постари од 40 години кои работат 55 часа неделно се изморени и под стрес, а таквата состојба влијае и на нивната работна состојба. Кога работат подолго од 25 часа луѓето постари од 40 години се помалку продуктивни дури и од пензионерите, наведуваат авторите на студијата.
Еден од авторите на студијата, професор Колин Мекензи за „Тајмс” рекол дека многу земји ќе ја поместат границата на одење во пензија на постара животна доба, што значи сè повеќе постари луѓе ќе бидат работно активни.
– Разликите во должината на работното време влијаат на работните способности. Работата е меч со две острила. Тој од една страна го стимулира мозокот. Од друга страна, кога човекот премногу време поминува на работа тоа доведува до замор и стрес кои се потенцијална опасност за когнитивните способности – рекол Мекензи.
Австриската влада најавила дека секои пет години ќе ја разгледува старосната граница за одење во пензија.
Мексиканскиот милијардер Карлос Слим, еден од најбогатите луѓе на светот, веќе подолго време ја пропагира идејата според која сите луѓе во иднина би требало да работат само три дена во неделата.
Според неговиот модел би се работело подолго – 11 часа дневно, во пензија би се одело на 75 години, но луѓето во текот на неделата би имале повеќе време за себе.