Постхумно одликувани припадници на МВР кои загинаа во Kуманово

Претседателот Ѓорге Иванов со „Орден за воени заслуги” ги одликува Единицата за специјални задачи (ЕСЗ) и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) при Министерството за внатрешни работи, а со „Медал за храброст” посмртно ги одликува и осумтемина припадници на МВР кои на 9 мај 2015 година загинаа при антитерористичката операција во Куманово.

„Со овој чин јасно покажуваме дека Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ не се заборавени. Нивната жртва не беше залудна. Тие загинаа за нашите деца да имаат мирен сон, но и за побезбеден живот на нашите сограѓани, а со тоа и за заштита на националната безбедност на Република Македонија”, рече претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој додаде:
„Тажно е што наместо да им се оддаде должна почит, во јавноста се ширеа разни шпекулации, обвинувања и коментари во кои припадниците на полицијата беа омаловажувани и понижувани”.
Осумте херои, додаде, со својата жртва спречија дестабилизација на државата и конфликт што можеше да има несогледливи последици за мирот, безбедноста и стабилноста на Македонија и поширокиот регион.
“Во годината кога требаше да славиме четврт век независност, станавме нација заразена со сомнежи. Се шири недоверба во институциите и страв меѓу граѓаните. Македонското општество е поделено по речиси сите основи. Длабоката политичка криза го намали безбедносниот имунитет на Република Македонија”, оцени македонскиот претседател.
Безбедносните сили, како што истакна Иванов, чувајќи го јавниот ред и мир низ нашата татковина спречуваат насилно уривање на државните институции, го заштитуваат животот, личната сигурност и имотот на граѓаните.
Во контекст на тоа додаде дека полициските службеници во овој период минуваат низ троен предизвик.
“Врз вашите плеќи, вие и вашите браќа по оружје од АРМ ја носите тежината на мигрантската криза и насилството на границата. Се соочувате со безбедносните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам, насилните акти во градовите и последиците од политичката криза”, додаде тој.
Шефот на македонската држава оцени дека е крајно време да го отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и омразата кон политичкиот противник и конечно, како што рече, да се помириме и да се сплотиме околу државниот интерес. Тој во оваа пригода ги повика сите Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи, атеисти…, како што рече да ги охрабриме и да ги поддржиме безбедносните сили во нивната мисија, но и да ја споделиме нивната надеж и верба во Македонија.
“Верба дека Македонија има сила да ги надмине поделбите и одново да се издигне. Верба дека доаѓа нова генерација млади и посветени луѓе кои ќе работат за подобра иднина во Македонија. Со тоа, во вистинска смисла на зборот, ние ќе ја искажеме нашата благодарност кон хероите на Македонија”, додаде Иванов.
На церемонијата, освен семејствата на загинатите полицајци, присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Чавков, додека министерот Оливер Спасовски не се појави на доделувањето на одликувањата кај претседателот Ѓорге Иванов.

Останати вести