Премиерот Малком Турнбул одби да одговори на прашањето дали Тони Абот се занимава со „напади од заседа” од кога Кристофер Пајн призна дека е постигнат договор за оружјето.
На прашањето дали верува дека Абот го одржа своето ветување оти нема да се занимава со напади од заседа по губењето на премиерското место, на кое сега седи Турнбул, премиерот избегна да коментира на оваа тема. Турнбул доби и дополнителни прашања за тоа дали Тони Абот го дезинформирал парламентот за тоа што се случило со договорот за законот за оружје и забраната за увоз на сачмарка со висока класификација. „Минатиот август владата на Абот воведе забрана за увоз на сачмарка со механизам за репетирање повеќе од пет куршуми. Станува збор за сачмарката Адлер која прима седум куршуми. Еден месец подоцна, владата на Абот ја промени забраната за да воведе дополнителна клаузула, таа да трае само 12 месеци. Кога се доближи крајот на тој период, некаде во август годинава, го информирав кабинетот за настаните и одлучивме забраната за увоз да продолжи. Забраната беше донесена како привремена, бидејќи очекувавме договор на министрите на полицијата на сите држави и територии за рекласификација на ова оружје. Договор, кој би бил усогласен со националниот договор за огнено оружје од 1996 година”. Националната амнестија за предавање на нерегистрирано огнено оружје ќе стапи на сила следната година, со цел оружјето да се тргне од улиците. Мајкл Кинан, федералниот министер за правда, рече дека сите држави се сложиле околу проектот за амнестија, за време на состанокот на Советот на владите на Австралија во Мелбурн. Коментарите на Турнбул се објавени од кога Кристофер Пајн демантираше дека Турнбул го нарекол Абот лисец во федералниот парламет во ек на политичката борба за законите за оружје. Но исто така призна дека пред состанокот на државите постигнат е „договор” со кој би се заменила клаузулата за привремена забрана на увоз на сачмарката Адлер која е воведена во 2015 година.