Малколм Турнбул го искористи фактот дека Тони Абот претрпуваше постојан пад на рејтингот во 30 последователни анкети на Newspoll како оправдување за неговото рушење.
Прајминистерот моментално се наоѓа опасно блиску до таа бројка. Коалициската влада бележи пад и во 29-та по ред анкета што ја спроведе Newspoll, заостанувајќи зад лабуристите со 47 наспрема 53 отсто, кога станува збор за наклоност на гласачите кон овие две партии. Со ова прајминистерот Малколм Турнбул се приближува до симболичната 30-та анкета, што тој ја наведе како причина за смена на Тони Абот во 2015 година. Резултатите на најновата Newspoll анкета објавени во The Australian исто така покажуваат дека лабуристите го зголемија бројот на примарните гласови на бирачите на 39 отсто наспрема коалицијата со непроменетите 37 отсто. Лабуристите ваков голем процент на наклоност на гласачи немале откога Турнбул дојде на местото на Абот во септември 2015 година, се вели во споменатиот весник. Во оваа анкета се бележи и зголемување на задоволството на гласачите со Бил Шортен, на 34 отсто кој сега води пред Турнбул кој има 32 отсто. Но, прајминистерот и понатаму е префериран лидер на земјата и води пред лидерот на опозицијата со 39 наспрема 36 отсто. Примарната наклоност на бирачите кон Зелените и партијата One Nation останува непроменета и изнесува 9 наспрема 7 отсто. Ли Селес, водителка на емисијата 730 која се емитува на ABC, неодамна го интервјуираше Турнбул, за границата на резултатите на анкетите на јавно мислење кои ги користеше за да го замени Тони Абот на прајминистерското место. Абот, минатата недела, во радиско интервју, му се обрати на прајминистерот: „Прајминистер е оној кој го состави овој тест, ако не го помине, прајминистерот ќе биде тој што ќе мора да објасни зошто тестот е добар за една, но не и за друга личност. Тој ќе треба на сите нам, да ни објасни зошто овој тест овој пат не може да се примени на него.”
Селес директно го праша: „Кога го предизвикувавте Тони Абот за местото прајминистер, една од причините која ја наведовте беше и таа дека во 30 по ред анкети на Newspoll ја загубил довербата на гласачите.” Турнбул брзо одговори тврдејќи: „Единствениот тест кој одредува кој ќе ја води Либералната партија или нема да ја води, е поддршката на членовите на партијата.” Но Селес не се повлече, туку го возврати ударот: „Па сите знаат што кажавте. Тој постави навистина легитимно прашање. Зошто тоа што важело за една личност, не важи за друга?”. Турнбул одговори: „Членството на партијата одлучува за тоа кој ќе ја води Либералната партија. Зошто тоа не се применува на вас? Што би требало да се примени на мене?”
„Истите стандарди кои ги применивте на Абот”, возврати Селес.
„Ако немате намера да дадете оставка или да ја почнете процедурата за промена на лидерството кога ќе дојдете до 30 загубени анкети по ред, кои се вашите планови? Вие го поставивте тој стандард” – рече таа. Турнбул тврдеше дека на Австралија тогаш и требало ново лидерство. „Ли, кога јас го предизвикав Тони Абот, идентификував неколку работи. На земјата, на владата и требаше ново економско водство, зар не? Требаше да се врати традиционалната влада. Јас ги донесов двете. Сакате тест за добро економско лидерство? Мислам дека имаме најголем пораст на бројот на работни места во историја на нацијата, што веројатно значи поминување на тестот. Традиционална влада, мислам дека тука во Канбера сите се сложуваат оти тоа е тоа што го спроведувам. А, што се однесува до водењето на Либералната партија, како што секогаш зборуваше Џон Хауард, тоа се наоѓа во рацете на членовите на партијата. Тоа е тестот” – рече прајминистрот.