Министерот за капитални инвестиции во црногорската влада Младен Бојаниќ кажа дека поставувањето на првата нафтена платформа во Јадранското Море е добар проект кој би ѝ помогнал на Црна Гора.
Според него, договорите кои ги потпишала претходната власт за истражување нафта и гас се добри. „Сè е јавно, отворено и транспарентно. Немам проблем да кажам дека претходната власт сработила добро што се однесува до овој проект”, истакна Бојаниќ.
Концесионерите, како што истакна црногорскиот министер, дале гаранција дека во случај на каков било инцидент ќе ја сносат штетата и ќе им исплатат обештетување на трети лица.
„Рано е да се зборува за ќарот на годишно ниво. Она што можеме да го кажеме е дека потенцијалните резерви на нафта и гас се мерат во милијарди евра”, истакна Бојаниќ, додавајќи дека истражното дупчење ќе трае четири до шест месеци.
На дополнителното прашање дали постои страв какви ќе бидат последиците на дупчењето и дали за тоа е консултирана Европската Унија, Бојаниќ кажа дека компанијата Ени е од Италија, односно од ЕУ, па е јасно дека ги почитуваат стандардите.