Во Скопје и Охрид „повратници“ го фатија Чесниот крст

Во сите градови низ Република Македонија беше одбележан еден од најголемите христијански празници – Богојавление. со кој се одбележува покрстувањето на Исус Христос во водите на реката Јордан. Празникот, кој се одбележува уште од вториот век, се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. 

Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати Чесниот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. некрстени денови.
Како и во минатите години, најмасовно беше во Скопје и во Охрид.
Централната манифестација во Скопје се одржа напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан го фрли крстот во Вардар од мостот „Слобода”.
Од стотината верници кои скокнаа во водите на Вардар во Скопје, Даниел Дончевски ја имаше среќата по четврти пат прв да стигне до крстот. Дончевски е по потекло од Кратово а прв пат крстот го фатил во 2007 година.
Се вели дека оној што ќе го фати крстот цела година ќе го следи среќа, здравје и благосостојба.
– Верувам во овие работи, голем христијанин сум, ова би сакал да го доживее секој, изјави Дончевски.
На манифестацијата во Скопје беше присутен и новиот премиер Емил Димитриев, кој на Дончевски му подари телевизор.
Веќе традиционално во Охрид, во водите на езерото беше фрлен светиот крст во присуство на илјадници гости од земјата и од странство. Највичен меѓу 40-мината кои се натпреваруваа годинава беше Петар Рупески (26) од Варош и со ова продолжува традицијата крстот најчесто да го фаќаат варошани. Ова е третпат како нему му поаѓа од рака да го фати Чесниот крст – првпат во 2005 и потоа во 2014 година, кога посака среќа во животот и вработување.
Крстот во осветените води на Охридското Езеро го фрли владиката Тимотеј, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА.
Инаку, иако времето во Охрид беше сончево, требаше навистина да се биде одважен на – 6 Целзиусови степени во воздухот да се влезе во студените езерски води чија температура според утринските мерења изнесуваше 6 степени.
Инаку, за празникот градот беше полн со гости.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски присуствуваше на Водици во Гостивар, каде крстот од водите на Вардар го извади Горан Божиновски. Од Груевски тој беше даруван со икона со Ангелот од Курбиново и лап-топ.
Претседателот на државата Ѓорге Иванов, пак, беше на фрлањето на крстот во градскиот базен во Кичево. На Дејан Момироски, кој го извади крстот, Иванов му подари сребрен крст со македонски рубини.

Петар Рупески го фати крстот во водите на Охридско езеро

Дваесет и шестгодишниот Петар Рупески од охридската населба Варош беше најсреќниот меѓу стотината верници кои денеска скокаа по Светиот крст што во осветените води на Охридското Езеро го фрли митрополитот на Дебарско-кичевската епархија Тимотеј.
Ова е третпат како му поаѓа од рака на Рупески да го фати Чесниот крст. Последен пат тој го фати крстот пред две години кога посака среќа во животот и вработување.
Инаку, иако времето во Охрид денеска беше сончево, требаше навистина да се биде одважен на шест степени Целзиусови под нулата да се влезе во студените езерски води чија температура според утринските мерења изнесуваше шест степени.

Останати вести