Најмалку две лица загинаа, 13 се повредени, а 16 куќи се уништени во пожар кој избил во близина на градот Аделаид, на југот на Австралија, соопштија надлежните.
Телата на 56-годишна жена и 69 – годишен маж, чии имиња не се објавени, пронајдени се во средата, изјави премиерот на Јужна Австралија, Џеј Ведерил, пренесе AP.
Меѓу повредените, кои се во болница, се двајца пожарникари, а пет лица се во критична состојба поради здобиените изгореници.
„Внимателно ја следиме нивната состојба, но многу сме загрижени”, вели Ведерил.
Според директорот на противпожарната служба, огнот е под контрола, во пречник од 201 километри.
Со оглед на тоа дека ветрот и температурата биле поумерени, надлежните очекуваат дека околу 400 пожарникари ќе успеат да се изборат со пожарот во наредните два три дена.
Пожарот избувнал на фарма во близина на селото Пајнери и засега не се знае што го предизвикало.
Околу 2.500 жители се евакуирани од зоната која е зафатена со пожарот.
Во Австралија, за време на летната сезона, пожарите се чести, па така во државата Викторија во 2009 година во пожар настрадаа 173 лица, а уништени беа 2.000 куќи.