Големиот шумски пожар што избувна во поширокиот реон на Перт, во Западна Австралија, го опустоши малиот град Јарлоп.
Според локалната полиција, две лица се починати едно е исчезнато.
Ветерот што дувал во текот на ноќта, со брзина од 60 километри на час, го „распалил” огнот и го забрзал неговото ширење, па огнената стихија уништила повеќе делови од местото, вклучувајќи и повеќе јавни згради и објекти, пренесува Би-Би-Си.
Сведоци од соседните населени места изјавиле дека гледале како огнените пламени достигнуваат до 50 метри височина.
Претставник на противпожарната служба изјавил дека огнот бил толку силен, а пожарот се движел со таква брзина што пожарникарите останале без можност да интервенираат.
Тој објасни дека четворица пожарникари се повредени, а едно возило за гасење е уништено.
Жителите на Јарлоп кое има популација од 545 луѓе свесни се дека од нивното место нема ништо останато и дека тоа се соочува со заканата целосно да биде избришано од картата. Изгорени се 147 објекти и ќе биде потребно целосна обнова.