Мајка сакала да ги фрли децата од 4 кат, само да не изгорат

Пожар во станбена зграда во Охрид, евакуирани 100 жители.
Вистинска драма се случуваше во станбена зграда на улица “Туристичка”, на излезот од Охрид, која беше зафатена од пожар.

Огнот кој од засега непознати причини избил во стан на четвртиот кат од северната страна на зградата, брзо се проширил по вертикалата и ги зафатил горните катови од 7-катницата. Во моментот на избивање на пожарот во станот имало жена со две деца, која според изјавите на надлежните од професионалната противпожарна служба, во паника, се готвела да ги фрли двете деца од четвртиот кат за да ги спаси. Очекувала присутните долу да ги прифатат, па ако куртулат добро, само да не изгорат. За среќа пожарникарите успеале навреме да влезат во опожарениот стан и да ги извлечат неповредени трите лица. Од зградата се евакуирани стотина жители, а десетина од нив се хоспитализирани поради вдишување чад. Околу 15 часот пожарот е целосно ставен под контрола. Во акцијата за гаснење на пожарот учествувале пет возила со 15 пожарникари. Во евакуација на станарите учествувале и граѓани од соседството и случајни минувачи. Истрагата треба да ги утврди и причините за пожарот кој ги доведе во опасност жителите во зградата на булевар „Туристичка”.

Останати вести