Монахот Никодим морал да скока од покривот за да се спаси од оганот

ПОЖАР ВО СВ. НИКОЛА ВО ПРЕСТОН:
Придружните простории до храмот на “Св. Никола” од Престон, Мелбурн, се запалија во саботата навечер а свештеникот се спасил со скок од првиот спрат. 

Од истражителот на пожарната служба Стив Атард, дознаваме дека оганот започнал на приземјето во зградата каде што се наоѓа камбанаријата и црковната сала. Поради скорешните дождови, од кои вода најверојатно протекла од кровот или од цевките на олуците, притоа стапила во контакт со струјата, при што еден од модулите се запалил и тоа предизвикало пожар. Од горењето на каблите и изолацијата се создал чад и при вклучување на алармот бил предупреден монахот Никодим Солунчев, кој живеел во простиријата на првиот кат.
Дознаваме дека на монахот Никодим полицијата пр­ва му помогнала. Таа пристигнала на местото и му помогнала да скокне од висина 3,5 метри во нивните раце, така што тој не е повреден.
Полицијата патролирала на Tyler St. во Престон околу 12:30 навечер кога забележала чад од МПЦ Св. Никола. Веднаш пратиле повик за тревога. Прескокнувајќи ја заклучената двометарска ограда на црквата, полицајците ја скршиле вратата на придружниот објект која била во пламен кога монахот Никодим излегол низ прозорецот и барал помош.
Собраните полицајци ги вкрстиле рацете и го ублажиле падот на монахот Никодим.
Еден од тројцата трастисти на црквата, Бил Макаловски, изјави за медиумите дека монахот Никодим работел доцна вечерта во апартманот на првиот спрат кога почувстувал мирис на чад. Потоа излегол низ прозорецот од каде што морал да скока за да си го спаси животот.
Пожарникарите подоцна пристигнале и го изгасиле огнот, кој се проценува дека направил штета од над $100,000 долари. Полицијата смета дека пожарот не е сомнителен.

Што се случуваше во “Св. Никола” од Престон, Мелбурн

Пожарот се случил некаде после 12:00 вечерта во петокот, на 29 јануари, кажува Отец Душко Спирковски, свештеник при Македонската црква Св Никола во Престон. Во комплексот понекогаш престојувал монахот Никодим кој ноќта се вратил од богослужба од Св Петка од Мил Парк и си легнал некаде пред 11 часот. После 12:00 го разбудил мирисот на оган и густиот чад. Од прозорецот почнал да вика за помош и за среќа на улицата поминувала Викториската полиција која притрчала да му даде помош на Никодим.
Монахот не можел од чадот и огнот да слезе по скалите и морал да скокне од првиот спрат во рацете на полицијата. Потоа пристигнала пожарната и набрзина го изгасила пламенот.
Од она што го кажа о. Душко Спирковски, пред некоја недела кога падна многу дожд имале проблем со одводните цевки и бил поплавен дворот со вода. Огнот започнал токму на влезот на салонот каде и е поставена електричната кутија, а веднаш до него е белата одводна цевка на ѕидот. Салонот е малку оштетен долу како и горниот спрат и спалната соба со придружната мала просторија каде е оштетен ѕидот. Предната вратата нема никаква штета од пожарот и што е најважно нема повредени.

Стефан Горгиевски

Останати вести