Пожари се шират во близина на Перт

Пожарникарите од Западна Австралија се борат со големи шумски пожари кои оштетија десетици куќи во близина на Перт, кој во моментов е блокиран поради вирусот корона.
Изгореа неколку куќи како и полиња во источен Перт, на околу 30 километри од центарот на градот.

– Огнот се прошири на површина од 8.000 хектари и со периметар од 75 километри, изјави за новинарите шефот на пожарникарите и службите за итни случаи, Крег Вотерс.
Пожарникарите работат во услови на температури кои достигнуваат до 37 степени Целзиусови.
Вотерс рече дека стотици луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови и да се сместат во прифатните центри. Се проценува дека биле уништени околу 30 куќи.
Еден пожарникар е пренесен во болница поради вдишување чад, но освен тоа засега нема извештаи за повредени.
Освен пожарот, Перт е во петдневно строго заклучување од неделата поради откривањето на првиот случај на локално пренесување на вирусот корона во последните десет месеци во Западна Австралија.
– Државата се соочува со два вида на итни случаи: опасен пожар и затворање поради ковид-19, рече премиерот Марк Магауан.

Останати вести