Нов музеј на вода ќе биде подигнат во Дојранското Езеро, сличен на “Заливот на коските” на Охридското Езеро. Ќе биде реконструиран праисториски локалитет, случајно откриен на брегот на езерото пред пет години.
Но, бидејќи оригиналната локација е во граничниот појас помеѓу Македонија и Грција, невозможно е музејот да биде подигнат на оригиналната локација. Затоа археолозите со локалната самоуправа на Дојран трагаат по соодветно место каде што ќе биде подигната новата атракција.
Според м-р Зоран Рујак, археолог и директор на Заводот за заштита на спомениците на културата на Струмица, ќе бидат подигнати четири праисториски објекти и една мандра.
– Така ќе го поврземе минатото со сегашноста. Објектите ќе бидат во водите на езерото, а до нив ќе води мост. На брегот ќе се наоѓа мал музеј во кој ќе бидат изложени наодите од населбата. Во рамките на музејот ќе работи и сувенирница, каде што посетителите ќе можат да купат копии на поинтересните наоди, рекламен и стручен материјал – објаснува Рујак за “Дневник”.
Ова е еден од проектите што годинава ќе бидат финансирани од буџетот на Министерството за култура, а годинава е предвидено да се изработи проектот.
Рујак вели дека покрај истражувањата, една од основните дејности на секој археолог и институциите што се бават со заштита на културното наследство е соодветно да се презентира и приближи до пошироката јавност.
– Имавме исклучителните резултати од неколкугодишните археолошки истражувања на праисториската наколна населба на месноста Мрдаја во Стар Дојран. Со реконструкција на неколку праисториски објекти можеме да понудиме нови и интересни содржини, кои дополнително ќе генерираат нови туристи во Дојран – вели Рујак.
Населба од 1200 – 1000 година пред новата ера
Kако пример тој ја посочува наколната населба Миќов Град од Заливот на коските во Охридското Езеро. Огромни се придобивките од овој локалитет во последните години.
– И ова ќе биде своевиден музеј на вода, подигнат покрај брегот на Дојранското Езеро, во крајбрежниот појас. Мислам дека на овој начин, покрај летниот туризам ќе го заживееме и културниот туризам во Дојран – вели Рујак.
Локалитетот е откриен сосема случајно. Во 2012 година почнале градежни работи за да се прошири плажата на военото одморалиште во Мрдаја, Стар Дојран. Со ископите се појавиле археолошки остатоци на грнчарија, колци од објектите и други наоди.
– По увидот што го направивме, истата година почнаа заштитни археолошки истражувања, кои заедно ги спроведува Заводот и музеј од Струмица и гевгелискиот музеј. Работевме во исклучително тешки услови, кон крајот на ноември и декември. Истражувањата продолжија и во наредните две години. Ги проширивме ископите и истраживме површина од повеќе од 150 квадратни метри – вели тој за “Дневник”.
Истражувањата покажале исклучително интересни резултати. Според материјалните остатоци, населбата егзистирала кон крајот на бронзената епоха, 1200 – 1000 година пред новата ера, во преминот помеѓу бронзеното и железното време.
– Тоа било време исполнето со преселби, воени походи и насилства. Воопшто не е чудно што тогашното население барало засолниште во водите на Дојранското Езеро. Материјалната култура пронајдена во населбата зборува за протопајонски супстрат, кој подоцна, во текот на развиеното железното време, ќе ја оформи пајонската култура. Истражувањата дадоа непроценливи податоци, не само за населбата, нејзината поставеност и организација, туку и за ред други значајни податоци што се однесуваат на економијата, занаетчиството, дури и за естетските критериуми на тогашното население. Истраживме три цели објекти и еден делумно уништен. Објектите ги препознававме според концентрацијата на колци врз кои биле подигани објектите за домување. Во времето кога населбата била активна, објектите се наоѓале над површината на езерото. Под нив пронајдовме многу наоди, кои паѓале во езерото и никогаш не биле извадени. Така, наоѓавме мноштво грнчарија, па дури и цели садови, разноразни предмети употребувани во секојдневието и домаќинствата: ножеви, српови, јадици и секирки изработени од бронза – вели Рујак.
Ќе биде еден од најпрепознатливите белези на Дојран
Kако изгледала населбата во преминот од бронзеното во железното време? Ријак вели дека идејата на целиот проект е да се направи што поверна реконструкција на оригиналната населба. Притоа, покрај археолошките, ќе се послужат и со етнолошките податоци.
– Се до неодамна рибарите од Дојранското Езеро граделе мандри. Така ловеле риба на сосема оригинален начин, со помош на корморани. Мандрите ќе ни послужат како основа за подигањето на праисториските објекти. Дојранската праисториска населба, за разлика од охридската, била составена од повеќе поединечни објекти, кои помеѓу себе биле поврзани со висечки мовчиња – вели Рујак.
Ова ќе биде трета реконструкција на предисториска населба во Република Македонија, по Тумба-Маџари во Скопје и Заливот на коските во Охридско Езеро. На прашањето колку овој начин на презентација придонесува за промоцијата на нашето културно наследство. Рујак вели искуствата покажаа дека интересот кај посетителите е голем.
– Тие секогаш бараат нови, невообичаени и интересни содржини. Реконструираните населби бележат и голем финансиски прилив. Но, ако не се вклучи приватниот сектор, особено туристичките агенции и оператори, нема да ги оствариме посакуваните резултати. Основната идеја е да го вклучиме културното наследство во локалниот економски развој на регионот. Затоа овој проект ќе бара ангажман и на локалната самоуправа, на граѓаните на Дојран и пошироко. Со правилна стратегија на општината мислам дека оваа населба ќе прерасне во еден од најпрепознатливите белези на Дојран – дециден е Рујак.
(“Дневник”)