ИНФОРМАЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЗАЕДНИЦА НА АВСТРАЛИСКИОТ ПОПИС 2016:
Наближува претстојниот 17-ти Попис (Census) на населението и домувањето (Census of Population and Housing) кој ќе се одржи на 9 август.
Веќе е започната испораката на писма со упатства и формулари, повеќето домаќинства ќе добијат писмо адресирано “До жителот” (‘To the Resident’), кое ќе содржи уникатно корисничко име и лозинка (login) и упатства како да се пополни Пописот “он-лајн”, како и детали како да се нарача хартиен формулар.
Можете да побарате да ви се прати пописен формулар за да го пополните Пописот или доколку имате пристап до интернет, со користење на компјутер, лаптоп компјутер, таблет компјутер или мобилен уред.
Целта на овој попис е точно да се изброи населението и да се добијат информации за некои главни карактеристики на жителите на Австралија и условите во кои живеат во моментот на пописот. Со пописот се собираат информации кои се однесуваат за секој член, од секое семејство во државата, но не се земаат предвид приватните податоци на поединци. Сите информации кои ќе ги дадете во Пописот се приватни и нема да се споделат со никој друг, вклучувајќи ни со другите владини агенции.
Информациите што ќе бидат дадени со овој попис ќе се чуваат доверливо и тоа е обезбедено преку Законот за попис и статистика донесен во 1905 г. Сите вработени во Бирото за статистика се законски обврзани на доверливо делување и никогаш не смеат да идентификуваат лични податоци на поединци или организации надвор од Бирото за статистика. Доколку некој службеник го прекрши овој Закон се соочува со парична казна или затвор.
За да можеме да обезбедиме точна идентификација на македонската заедница, потребно е секој човек внимателно да одговори на сите прашања во прашалникот во 2016 г.
Доколку го пополнувате формуларот електронски (на интернет) одговорите ќе мора да ги впишете (со компјутерската тастатура) во соодветните полиња. Ако го пополнувате формуларот во писмена форма ќе мора да ги напишете одговорите рачно во соодветните полиња.
ПРАШАЊЕ БРОЈ 12:
РОДНА ЗЕМЈА
Ако сте родени во денешната македонска држава, треба во местото каде е специфирано „Other – please specify” да одговорите: „MACEDONIA” или „REPUBLIC OF MACEDONIA”
Важна информација!
Иако сте биле родени во времето кога македонската држава беше дел од Југославија, многу е важно да НЕ одговорите на ова прашање со одговор „Југославија”. Постои посебна категорија за ова прашање и ако тука запишете “Југославија” тогаш вашата родна земја НЕМА да биде забележана како „Македонија”.
Следната информација за прашањето број 12 се однесува на оние што се родени во Егејска Македонија или Пиринска Македонија.
За да се истакне дека постојат Македонци надвор од границите на македонската држава, мора да одговорите точно.
Значи, доколку сте родени во Егејска Македонија, можете да одговорите на ова прашање со „Aegean Macedonia” или „Greecе”. Кој било од овие два одговори ќе резултира со вашето вбројување меѓу родените во државата Грција.
Ако сте родени во Пиринска Македонија, можете да одговорите на ова прашање со „Pirin Macedonia” или „Bulgaria”. Кој било од овие два одговори ќе резултира со ваше вброување меѓу родените во државата Бугарија.
Важна информација!
Со тоа што за родната земја одговоривте „Грција” или „Бугарија” НЕ ЗНАЧИ дека имате декларирано грчко или бугарско етничко потекло. Има посебно прашање за етничко потекло каде што ќе можете да напишете „македонско.”
ПРАШАЊЕ БРОЈ 16: ЈАЗИК
Ако зборувате македонски, без разлика колку добро, во местото што е специфирано „Other – please specify” треба да одговорите “MACEDONIAN”.
ПРАШАЊЕ БРОЈ 18: ПОТЕКЛО
Без разлика каде сте родени (Македонија, Грција, Австралија или било каде) вашето етничко потекло е македонско.
За ова прашање се брои до три генерации наназад (родители, баби и дедовци, или прабаби и прадедовци).
Во местото обележано „Other – please specify” одговорете „MACEDONIAN”
ПРАШАЊЕ БРОЈ 19: РЕЛИГИЈА
Ако се идентификувате со македонската православна религија, тогаш во местото обележано како „Other – please specify” треба да одговорите на ова прашање: „MACEDONIAN ORTHODOX”
Ве молиме да имате предвид дека ако одговорите само „Orthodox”, постои посебна категорија за ова прашање и НЕМА да бидете забележани како верник на македонската православна религија.
Исто така, ако се идентификувате со друга религија (на пример: методистичка, исламска, итн) или ако немате религија тогаш ќе треба да дадете соодветен одговор.