Австралискиот премиер се обврза да го преразгледа прашањето за името на Mакедонија

Oд средбата на австралискиот премиер со Македонците во Перт: Прајминистерот за време на разговорот неколку пати го употреби уставното име Македонија.

Во текот на неформалната предизборна кампања во Австралија, премиерот Малколм Турнбул се срет­на со претставници на македонската заедница, при што рекол дека ќе го разгледа нивното барање за признавање на Македонија под уставното име.

Средбата во Перт била организирана со помош на пратеникот Лук Симпкинс, долготраен поддржувач на македонската заедница во Австралија.
Гоце Силјановски и Ангела Велевска од македонскиот клуб Вардар имале можност да го прашаат премиерот дали планира да ја смени долго­трај­ната политика на австралиската Влада да ја користи времената референца место македонското уставно име. Премиерот, кој во разговорот го користел збо­рот Македонија, рекол дека не се консултирал со министерката за надворешни работи Џулија Бишоп околу ова прашање, но се обврзал во иднина да го разгледа.
– Ги примам вашите забелешки околу прашањето. Ова е прашање по кое има поделени мислења. Но, нашите односи со Македонија се одлични и македонската заедница игра многу значајна улога во Австралија, изјави премиерот Турнбул, притоа додавајќи дека ваквите видови историски спорови и прашања се и една од причините поради кои многу луѓе решиле да дојдат во Австралија.
Во март 2015 година, министерката Бишоп, на прашање на претставници на македонската заедница во Австралија, информираше дека Владата планира да продолжи да ја користи референцата како привремена мерка, во очекување на решение на спорот меѓу Македонија и Грција.

Пушкарите со очекуваната рекција

На изјавите на австралискиот премиер веднаш реагираше Пaн-македонската асоцијација на Грците во Мелбурн која соопшти дека работите еднаш засекогаш мора да се расчистат. Тие се против употребата на „терминот Македонија за бившата југословенска Република Македонија”.
Тие испратиле и писмо до австралиските парламентарци и повикале на заземање цврста позиција во однос на употребата на името на Република Македонија во согласност со одлуката на австралиската влада од 1994 година за признавање на земјава како БЈРМ.
Претставниците на грчката заедница во Австралија исто така велат дека за нив е многу важно да се знае кои членови на парламентот го употребуваат терминот Македонија. Нивната асоцијација ќе ги објави имињата на оние парламентарци кои одговориле позитивно на нивното писмо и на оние кои не го сториле тоа.

Останати вести