Дојде да види од каде потекнуваат нејзините гласачи во Австралија
Член на парламентот на австралиската држава Викторија од електоратот во Томастаун, г-ѓата Бронвин Халфпени, деновиве беше во неколкудневна посета на Република Македонија.
Ова беше нејзино прво доаѓање во земјата од која потекнуваат голем број нејзини избирачи и притоа ги посети Скопје, Битола и Охрид.
Во Скопје г-ѓата Халфпени беше пречекана од почесниот конзул на Австралија во РМ, г-динот Зоран Костовски по што имаше средба со државниот секретар во Министерството за надворешни работи, г-ѓата Елена Кузмановска. Притоа беа разменети пригодни подароци.
По разгледувањето на знаменитостите на главниот град, г-ѓата Бронвин Халфпени замина во посета на Битола, каде што живее најголемата заедница на австралиски државјани во Македонија. Добар дел од нив се токму од нејзиниот електорат во Мелбурн. Таму беше гостин на локалната телевизија Тера.
“Многу сум импресионирана од архитектурата и посебно од луѓето. Одамна сакав да прошетам по Широк сокак”, изјави г-ѓата Бронвин.
Таа потоа го посети и Охрид, каде имаше средба со градоначалникот г-динот Никола Бакрачески и ги разгледа знаменитостите на овој “македонски Ерусалим”.
Авионско поврзување на Охрид со Австралија
Во Охрид г-ѓа Халфпени имаше средба со градоначалникот, г-динот Никола Бакрачески. На средбата беше разговарано за можностите да се унапреди туризмот и да се зголеми бројот на гостите од Австралија. Охридскиот градоначалник ја истакна идејата за воспоставување на директна авионска линија со Австралија, како и поврзување на австралиските тур-оператори со локалните туристички работници.
Парламентарката Бронвин Халфпени во Охрид ја посети и работилницата на семејството Филеви за познатиот охридски бисер, каде и беше презентиран овој бренд што се прави од 1928 година.

