Не е тајна дека ВМРО-ДПМНЕ дијаспората ја гледа како извор на пратеници за себе, а СДСМ, ДУИ и ДПА бараат принципиелност зашто се во подредена позиција.
Откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека најголем проблем за постигнување меѓупартиски договор со СДСМ, ДУИ и ДПА за новите изборни правила е гласањето на дијаспората, во медиумите во РМ се појавија неколку писма од здруженија на македонските иселеници од Швајцарија, Италија, Словенија, Германија, Австрија, САД и Австралија. Во сите преовладува револтот од намерата да се укине правото за гласање во дијаспората. Дури доколку такво нешто биде прифатено во Собранието на РМ, се бара од претседателот Ѓорге Иванов да не го потпишува указот (да стави вето).
Како што ја претстави ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата, оваа партија до последно ќе го брани правото на дијаспората да гласа зашто иселените Македонци се неоткинлив дел од македонското национално ткиво. Тие луѓе вложуваат во земјата, праќаат пари и поради тоа имаат право да учествуваат на политичката сцена во РМ. Ако им се укине ова право може да се случи тие да се отуѓат.
– Лицемерен е ставот на СДСМ кога велат дека не се за укинување на гласањето во дијаспората, но предлагаат цензус кој е недостижен. Со таков услов практично нема да има ниеден избран пратеник од иселениците што е штетно за националните интереси на Република Македонија, со далекусежни последици, рече министерот Никола Тодоров, еден од членовите на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ.
Според коментарите во провладините медиуми во земјата, СДСМ сака да нема пратеници од дијаспората бидејќи знае дека таму не може никаде да победи. На изборите во 2011 и 2014 сите три пратенички места од дијаспората мајсторски ги освои ВМРО-ДПМНЕ.
– Не постои никаде став на СДСМ дијаспората да не гласа. Дијаспората треба и мора да гласа. Начинот на кој се бориме е уставната еднаквост на гласот. Предлогот на СДСМ е да има цензус и да се бира пратеник со исто онолку гласови колку што се бира во Македонија или пак гласовите на нашинците кои гласаат во дијаспората да влезат во РМ во една изборна единица или колку и да се изборни единици. На тој начин ќе се добие еднаков третман на гласот на граѓаните. Овие решенија се принципиелни, уставно возможни и потребни за да може нашата дијаспора да гласа, изјави Зоран Заев.
А токму малиот одѕив на иселениците за изборите и бројот на гласови за пратеничко место се забелешките кои се повторуваат во конечните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР. Пратеник во РМ се станува со најмалку 7,500 гласови додека во дијаспората и со 600 до 900. На тоа се надоврзува забелешката за несразмерно високата цена за спроведување на гласањето во дијаспората – лани биле потрошени 1.3 милиона евра (а вкупниот буџет за изборите беше околу 5 милиона евра).
A кој ја претставува дијаспората?
Според податоците на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, нашата дијаспора е организирана во 143 иселенички организации и друштва на четири континента и во соседството во кои членуваат 250,000 граѓани на Македонија во иселеништво. А според регистарот на истата Агенција, во иселеништво живеат речиси 450,000 лица со македонско потекло.
Во Австралија, конкретно, според последниот попис, со вкрстување на податоците се доаѓа до заклучок дека живеат речиси 100 илјади лица со македонско потекло. Нема точни податоци колку од нив поседуваат важечки македонски пасоши за да можат да гласаат. Но, на гласање на изборите во Македонија во 2014 се пријавиле само 1,534 а излегле 982 лица (или помалку од 1% од вкупниот број нашинци тука). Во цела Австралија, пак, може да се гласа само во Канбера и во Мелбурн (на вкупно 3 избирачки места).
Во САД и Канада во 2014 за гласање биле пријавени 3,337 лица, излегле 1,845 а се гласа на само 6 избирачки места. Според пресметките на пратеникот од оваа ИЕ, Павле Саздов, потенцијалот за македонски гласачи од овие две држави е до 50 илјади.
Во Европа има дури 27 гласачки места на кои во 2014 за гласање биле пријавени 18,911 иселеници. Гласале вкупно 8,614 (дури 227 ливчиња биле неважечки!?). Според пописните податоци на Италија, само во оваа држава имало 70 илјади лица со потекло од РМ, повеќето етнички Македонци. Во Швајцарија се околу 80 илјади, претежно етнички Албанци.