Бидејќи предвремените парламентарни избори досега двапати беа одложени, а новиот изборен термин неформално веќе е дефиниран за 11 декември, партиите по трет пат ја „загреваат” (пред)изборната машинерија.
Иако сè уште конечно не е прецизиран изборниот датум, политичките партии влегуваат во финалната изборна кампања за промоција на своите проекти и партиски програми. Еден месец пред дефинитивната одлука дали се создадени услови за кредибилни избори, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев најавуваат активности на терен, посети на повеќе градови и места низ Македонија.
Груевски подолго време е во активна изборна кампања. Само во последните десетина дена тој го посети охридско-струшкиот регион, беше во Пробиштип, активен беше и во Скопје и во општина Илинден, а направи и еднодневна посета на Штип. Најави пакет инфраструктурни проекти, продолжување на проектот за бесплатни учебници, ги посети рудниците Злетово и Саса, ја исконтролира санацијата на свлечиштето на регионалниот пат Пробиштип-Крупиште, најави вработување на 350 здравствени работници, присуствуваше на поставување на камен-темелник на нова странска инвестиција во Илинден… Иако во партијата велат дека станува збор за проекти што се во тек и што се дел од програмските активности на владејачката партија, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека овој процес и понатаму ќе продолжи во насока на запознавање на граѓаните со сето она што досега е сработено и со она што во иднина ќе се работи.
Партискиот портпарол Иво Котевски вели дека изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ е формиран многу одамна, а голем дел од партиските активности се завршени пред 24 април, кога, како што вели, СДСМ поради страв од соочување со граѓаните избега од избори. Претседател на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ е актуелниот министер за здравство Никола Тодоров.
„Партијата излезе и со отчет, а промовирањето на новата програма која е најобемна досега беше одложено. Уште на почетокот на годинава беа реализирани бројни активности, вклучувајќи ја и акцијата за собирање идеи од граѓаните”, вели Котевски.
Во СДСМ веруваат дека овој пат сите подготовки за создавање услови за кредибилни избори ќе завршат според договореното, поради што се надеваат дека нема да има уште едно одложување на предвремените парламентарни избори. Велат дека во ситуација кога законите од договорот од Пржино се усвоени во Собранието, ДИК треба само да го спроведе договореното. Наскоро ќе се формира и ад-хок телото за набљудување на медиумите, па не се очекува дека ќе има нови непредвидени ситуации кои ќе го отежнат процесот.
„Сепак оставаме простор и одредена доза на резерва се додека работата целосно не биде завршена”, вели висок функционер од СДСМ.
Од партијата на Зоран Заев најавуваат интензивно присуство на терен, особено откако завршија долгите преговори во Пржино. Според партиските планови, Заев оваа недела ќе ги посети Куманово, Крушево, Арачиново, Битола, Охрид и повеќе помали околни места.
„Изборниот штаб е формиран уште пред изборниот термин. Тој е постојано активен, а на терен се и сите општински и месни партиски организации. Предизборната програма на СДСМ е усвоена на Конгрес, така што сега ќе следува нејзина промоција. Дури и голем дел од флаерите и брошурите се отпечатени, но поради обидите на ВМРО-ДПМНЕ да избегаат од регуларни избори тие не беа јавно поделени”, велат во СДСМ, од каде што најавуваат и паралелен процес на зајакнување на коалициските капацитети на опозицискиот блок. Шеф на изборниот штаб на СДСМ е потпретседателот на партијата Дамјан Манчевски.
И партијата на Али Ахмети има активен изборен штаб, кој е формиран уште во октомври минатата година. За шеф на штабот беше избран тогашниот министер Беким Незири, а од партијата најавија дека ќе бидат отворени за нови идеи и иницијативи кои ќе дојдат од граѓаните.
Веќе е формиран изборниот штаб на ДПА, кој за шеф на изборниот процес го избра Азим Садики, кој воедно е и секретар на партијата.
(“Утрински весник”)