Заев: Предложив изборите да бидат во декември, но ВМРО-ДПМНЕ сакаше техничка влада 100 дена пред избори

Премиерот Зоран Заев на лидерската средба предложил предвремените избори да бидат на 22 или на 29 декември.

– Наш предлог беше изборите да се одржат брзо, веќе во декември, во период кога ништо не се случува и кога се очекува Шпанија да го ратификува Протоколот за членство во НАТО. А потоа се конституиран парламент и кај нас да биде ратификувано членството. Но ВМРО-ДПМНЕ го одби предлогот. Дефинитивно бегаат од избори. Де факто ВМРО-ДПМНЕ не треба да цепидлачи владата да биде 100 дена. Тие дефинитивно бегаат од избори. Бараа избори, понудивме демократска зрелост и сега почнува мрчењето. Ги разгледувавме 22 и 29 март, 12 и 19 април. Одлучивме изборите да бидат на 12 април. Верувам дека граѓаните мудро ќе одлучат. Дали ќе бидат во декември или се на 12 април, ВМРО-ДПМНЕ ќе доживее уште еден пораз. Затоа што ништо не е променето таму, рече премиерот Зоран Заев во интервју во емисијата „360 степени” на „Алсат-М” телевизија.

Ризикот е голем затоа што ВМРО јавно кажуваат дека ќе го поништат Преспанскиот договор
– И Груевски беше за ЕУ, но видовме како се повеќе се оддалечувавме од ЕУ и НАТО. ВМРО јавно кажуваат дека ќе го поништат Преспанскиот договор. Ризикот е не само Грција и Бугарија да не блокираат во иднина, туку тоа да го направат и трети земји – рече премиерот Зоран Заев во гостување во емисијата „360 степени” на „Алсат-М”.
Тој рече дека се плаши од меѓуетнички тензии потенцирајќи дека истите ги нема во изминатите две години и 4 месеци.
На прашањето како го коментира размислувањето на претседателот на Франција Макрон дека треба да земе предвид дека на некои од земјите кандидати за членство во ЕУ, наместо тоа може да им се понуди стратешко партнерство, премиерот Заев истакна дека за нашата земја нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ.
– Ние нема да прифатиме друга дебата како на пример таа за стратешко партнерство, а не за членство. Можеме да учествуваме и сакаме да учествуваме во дебата за унапредување на пристапниот процес. Ние и самите тоа го правевме низ нашите процеси, низ процесите за ЕУ интеграции на другите земји од регионот. Зошто е неприфатлива идејата на претседателот Макрон? Ние ќе поминеме сигурно седум до осум години во процесот на преговори по поглавја. Тоа значи дека ќе станеме полноправна членка на ЕУ откако ќе се реформираме внатре, а за тоa ќе ни помогне пристапниот процес и затворањето на поглавјата, нагласи Заев.
Тој додаде дека верува дека францускиот претседател Макрон ќе го прифати ова и ќе испрати охрабрувачки сигнал дека овој процес треба да го започнеме така како што досега е договарано.
– Тој сигнал не ми треба мене. Тоа ќе биде сигнал за нашиот народ. За да ја задржиме и да ја одржуваме мотивацијата. Таа мотивација мора да ја задржиме и од поддршката на 27 земји членки на ЕУ кои имаа кристално чист став дека сме заслужиле отворање на преговарачкиот процес низ отворање на поглавјата за пристапување. И Данска и Холандија на крајот се согласија и тоа одговорно го тврдам. ЕУ останува посветена, иако поминува низ оваа дебата и таа треба да си ја решат внатре. И ќе ја решат. Искрено се надевам дека тоа нема да трае до мај, потенцираше премиерот Заев во интервјуто за емисијата „360 степени”.

Останати вести