Премиерот Димитриев за 23 Октомври: На граѓаните им е преку глава од политичката криза

Оваа година се навршуваат точно 123 години од основањето на Македонската револуционерна организација (подоцна ТМОРО и ВМРО). На 5 ноември (23 октомври стар стил) 1893 во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, заедно со него Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров и Христо Батанџиев ги поставија основите на организираната македонска револуционерна борба

Пo повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, на свеченоста во “Македонската опера и балет” се обрати премиерот Емил Димитриев. Пред претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, присутните министри, пратеници, претставници на Македонската академија на науките и уметностите, дипломатскиот кор и верските заедници, професори, градоначалници, директори на државни институции и други гости, Димитриев напомена дека сега, кога слободата е остварена и ја имаме, кога Македонија е самостојна и независна држава, треба да ја почитуваме и да ја браниме. Тој порача дека на граѓаните им е преку глава од политичката криза и дека од нив зависи кој ќе биде исходот од изборите на 11 декември.
– На 11 декември треба да имаме празник на демократијата. Изборите мора да бидат празник на демократијата и јас верувам дека сите ние имаме капацитет да ја реализираме оваа цел, потенцираше премиерот Димитриев на Свечената академија.
– Тоа се, рече, тие пет минути во кои граѓанинот зад параванот, слободно, фер и демократски треба да им ја испрати пораката на политичарите, да има каже што мисли, што вреднува, да каже кој е одговорен за политичката криза, кој подобро работи, кој повеќе работи, кој е повеќе присутен во вашето место, кој има подобра програма за вас и подобрување на вашиот живот и во кој повеќе верувате и во кого имате доверба. Донесете ја таа одлука мирно и достоинствено како што му доликува на нашиот народ, и одберете ја најдобрата од понудените алтернативи, алтернативата која може да го направи вашиот живот подобар, истакна Димитриев.
Според него, по 11 ќе дојде 12 декември и животот треба да продолжи. Не сме многу за да си дозволуваме луксузирање со поделби, закрвувања и несогласувања. Партијата која ќе освои помалку гласови треба да му честита на победникот и тоа да го прифати како порака од народот. Партијата која ќе победи на изборите треба да има почит за поразениот.
– Реваншизми не смее да има. Поделби не смее да има. Подметнувањата, местенките, деструкцијата и кризата треба да исчезнат и ќе исчезнат. Да стапат на сцена вредностите, соработката, почитувањето, уважувањето, пријателството. Само така сите ние обединети, вмровци и сдсмовци, од дуи и од дпа, социјалисти и либерали, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, со демонстрација на јасно и цврсто заедништво ќе може да ги оствариме стратешките цели и определби за кои се залагаме и во кои веруваме, рече премиерот.
Хендикепот од кризата, додаде, треба да го претвориме во предност.
– Може да имаме политички разлики и тоа е добро за демократијата, но треба граѓански обединети да работиме за подобро утре на нашата земја. И власта и опозицијата. Гоце Делчев велеше дека треба да ја бараме вербата за успех во себе и во другите. Ако ја имаме да ја разбудиме, ако ја немаме да ја создадеме, предочи Димитриев.
Според него, ако пред кризата можевме да имаме високи стапки на раст може да ги имаме и после кризата, ако пред кризата отворивме десетици илјади нови работни места и по кризата можеме да отвориме дополнителни десетици илјади работни места, ако пред кризата со голем елан започнавме да градиме три нови автопати, и после кризата треба уште најмалку три автопати да почнеме да градиме, ако пред кризата реализиравме над 3.000 проекти и по кризата треба да продолжиме со исто темпо, ист пристап и со исти ефекти, дури и уште повеќе од тоа, поголем број на проекти и повеќе корист за луѓето и по обем и по вредности.
– Верувам дека ние тоа го можеме и тоа на дело ќе го покажеме. Ние – граѓаните на Република Македонија од сите нации и сите вери, од секој пол и од секоја партија, заклучи премиерот Емил Димитриев во обраќањето на Свечената академија по повод 23 Октомври.
Граѓаните на Република Македонија се носители на суверенитетот на оваа земја и тоа природно и политичко право никој не може и не смее да се обиде да ви го ограничи, да влијае на него или пак да го попречи. На претстојните избори вие одлучувате. Вие и никој друг. Ниту партиите, ниту специјалните органи, ниту институциите. Вие граѓаните сте над сите овие категории.
Димитриев порача и дека Јавното обвинителство и СЈО дека треба да работат во интерес на граѓаните, а не под политичка агенда.

Останати вести