Премиера на македонскиот филм „Лазар“ на Скопје филм фестивал

Режисерот Ристовски, кој живее во Канада, истакна дека секаде каде што побарале поддршка во Македонија, од сите институции им била дадена

На програмата на Скопје филм фестивал беше прикажан новиот македонски игран филм „Лазар” на режисерот Светозар Ристовски.
Во актерската екипа се: Ведран Живолиќ од Хрватска, Наташа Петровиќ и Дејан Лилиќ од Македонија, Красимира Кузанова и Александар Сано, двајцата од Бугарија.

Дејствието на овој филм се одвива околу илегалниот транспорт на мигранти и бегалци. Откако таткото на Лазар го напушта семејството, тој мора брзо да порасне и почнува да се занмава со шверцување емигранти преку грчко – македонската граница. Но се ќе се промени кога ќе се вљуби во Катерина и ќе реши да го напушти светот на криминалот.
Автор на сценариото е режисерот Светозар Ристовски.
За тоа како се одлучил токму за вакво сценарио, Ристовски рече дека приказната со шверц на луѓе, кај нас не е непозната и трае веќе десетина години.
– Роден сум во Велес и бев сведок на последиците на општествениот колапс што се случи со транзицијата. Цела моја генерација остана без перспективаи многумина влегоа во криминални структури и се изнаслушав многу такви приказни. Лазар е слика на она што се случува во Македонија, тоа е една емотивна слика на будењето на емпатијата, на создавањето на совеста, на будењето на хуманизмот. Филмот го поставува прашањето за тоа каде е границата меѓу емпатијата и себичноста која е тренд на денешното време на глобализација, рече Ристовски.
Носителот на главната улога, Ведран Живолиќ, рече дека овој филм за него е животно искуство, што никогаш нема да го заборави.
– Голем ризик презеде Свето со тоа што ме ангажираше, особено заради јазикот, мораше да ја играм улогата на македонски јазик. Ќе му бидам благодарен до крајот на животот, ова беше за мене едно големо искуство, голема школа и не го кажувам ова куртуазно, туку навистина така мислам, имаме одличен филм, одлично сценарио и екипа, вели Живолиќ.
Директорот на фотографија Дејан Димевски рече дека ова е прва соработка на игран филм со Светозар Ристовски, иако работат на проекти уште од студентски денови.
– Уште од почетокот, кога се договаравме за структурата, бојата, валерите на тонови, за атмсферата на филмот, се согласивме дека камерата треба да ја поддржува нарацијата на филмот. Филмот е многу храбро направен, има масовна сцена со 3000 учесници, која е снимаена за 8 часа, потоа има малку светло заради автентичноста на просторот и времето на дејствието, рече Димевски.
„Лазар” е копродукција на Македонија, Хрватска, Бугарија и на Франција и македонската публика има можност да види дело на режисерот Ристовски по 11 години пауза од неговиот игран филм „Илузија”.
Својата светска премиера филмот ја имаше на ИФФК „Браќа Манаки” во Битола, а учествувал и на фестивалите „CinEast Film Festival” и „Santa Barbara International Film Festival”.

Останати вести