Успешна премиера во Мелбурн на забранетиот филм ”Ругање со Христос”

Продуцентот и режисер Јани Бојаџи ја оствари својата желба да се види со публиката и со нашите луѓе, тој е скромен и народен човек кој беше топло прифатен од сите љубители на филмот.

Екипата што ја организираше промоцијата на филмот „Ругање со Христос” во Мелбурн може да биде задоволна од постигнатиот успех. Во двете вечери и целосно распродадена сала филмот го видоа околу 1,000 гледачи. Филмот „Ругање со Христос”, кој трае 152 минути е дебитантско долгометражно остварување на Јани Бојаџи. Овој филм во Македонија предизвика многу реакции, главно од политичка природа, без притоа подлабоко да се навлезе во слоевите на приказната, која е базирана на односот помеѓу две генерации Македонци со егејско потекло и индивидуалната потрага по сопствениот идентитет.
Според филмската структура „Ругање со Христос” почнува и завршува во една точка. Генерациите се менуваат, но историјата се повторува.
Главниот лик е Александар Филипопулос, кого извонредно го игра Љупчо Тодоровски-Упа, глумец кој живее и работи во Словенија и Србија, а се покажа како прекрасен актер кој плени со својата појава.
Потоа тука е и легендата Мето Јовановски кој го игра неговиот татко Лазар. Филмското дејство е сместено во 2001 година и се одвива во Македонија, Грција и Франција.
Сценаристот и режисер на „Ругање со Христос”, Јани Бојаџи, кој истовремено е и продуцент и монтажер на филмот, креирал приказна во која Македонецот со егејско потекло, Александар, по 20 години удобен живот како новинар во политички магазин во Франција, по веста за смртта на својот татко Лазар се враќа во Македонија. На патот кон Македонија Александар се сретнува со убавата фотографка Андреја, која ја игра грчката актерка Јоана Пилиху, а посетува и свои роднини во северниот дел на Грција. Чувството што го носи главниот лик е она чувство што со години го носат илјадниците протерани од сопствените огништа, попознати како децата-бегалци од Граѓанската војна во Грција во периодот 1946-49 година. Тоа е чувство на изгубени души кои секаде се чувствувале како туѓи на своето – и во Грција и во Македонија – и насекаде низ светот каде биле раселени.
Наративните елементи во сценариото на филмот прават паралели меѓу Граѓанската војна во Грција, со монолози искажани преку ликот на Султана на дијалектот од северна Грција (кој многу веродостојно го игра Јоана Поповска), и воениот конфликт што се случи во 2001 година во Македонија. Во филмувањето на приказната се употребени моменти што се познати на јавноста, но се прикажани низ авторската призма и уверување на режисерот Јани Бојаџи.
Наизменичниот тек ги врзува приказните на Александар, неговата ненадејна средба и љубов со Андреја и неговата трагична смрт, приказната за животот на таткото Лазар во бурната 2001 година и на семејството на Султана, роднини од прво колено на Александар. Во филмот се прикажани и анархисти кои сè уште го живеат периодот на Граѓанската војна и бараат предавници во своите редови.
Филмот има одлична фотографија, за која биле задолжени Христо Генков и Душан Кардалевски, и фантастична авторска музика на Горан Трајкоски, кој користејќи ги своите познавања од византиската музика креирал нови дела базирани на фолклорни и староградски мотиви од времето на Граѓанската војна во Грција.
Филмот низ бројки
Бројките за филмот велат дека „Ругање со Христос” е снимен со буџет од 290.000 евра, со 60 актери и 650 статисти, во три земји со шест недели снимање и 16 недели постпродукција.
Филмот е во продукција на „Орион продакшн” и „Кандела” од Македонија со продукциско учество на СТВА од Словенија. Во филмот играат актери од Македонија, Грција, Франција, Албанија и Словенија. Во филмот има и техничка екипа од Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција и Албанија. Актерите во филмот зборуваат на пет јазици и на македонски дијалект што се зборувал во северните делови на Грција. Насловот на филмот доаѓа од фреската „Ругање со Христос”, едно од ремек-делата насликани од фрескописците Михаил и Евтихиј на почетокот на 14. век во црквата „Свети Ѓорѓи” во Старо Нагоричане, кумановско, кои се сметаат за први зачетници на ренесансата во светот, за прв пат во светот сликаат светци со трета димензија и човечки особини… подоцна на таков начин тоа го прават Микеланџело, Да Винчи и Рафаело.
Наградата за иновативност што филмот „Ругање со Христос” ја доби веќе со светската премиера во Монтреал во најголема мера се должи на монтажата. Филмот раскажува четири одделни приказни, односно сцените наизменично се повторуваат, некои од нив со движење наназад.
Спојот на визуелниот и музичкиот сегмент го издигнуваат нивото на овој нискобуџетен филм. Снимен една недела во Атина, потоа во Париз и назад во Грција во Нивица и Герман, и се разбира во Скопје и Преспа.
Покрај светската премиера во Монтреал, филмот имаше и македонска премиера на фестивалот „КинеНова” на 5 октомври во Скопје, а сега на 11 јануари 2019 и во Мелбурн.
Политичкото ембарго за филмот
Кои беа причините за обидите да се забрани проекцијата на филмот пред неговата премиера во Македонија? Една од причините е што во филмот има сцени со ликови во униформи со ознаки УЧК кои киднапираат Македонци. Тоа се сцени во кои се следи животот на ликот Лазар во кои авторот на филмското сценарио има поинакво толкување и уверување од она што официјалната политика во 2001 година го затвори како прашање со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Покрај сцените со киднапирање и тортура, во филмот, сепак, има и дијалог меѓу ликот Лазар и војник со ознаки УЧК, кој има антивоена и хуманистичка порака. Следна причина која ја предизвика реакцијата на институциите на државата е што филмот, иако снимен минатата година, се појави по потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција оваа година и многумина сметаа дека ќе биде нов „иредентистички пакет” во односите меѓу двете држави. Иако историјата ја пишуваат политичарите, слободата на уметничкото уверување и израз е неприкосновено човеково право кое не треба да биде цензурирано.

По премиерата во Мелбурн, Јани Бојаџи ни изјави дека сето тоа беше фантастично и е многу задоволен од проекцијата, салата имаше одличен звук и слика. Публиката беше едуцирана и подготвена да го прифати филмот и за многумина беше совршена идентификација.
Членовите на Комитетот на Македонците од Австралија, што ја организираше проекцијата, позираа заедно со режисерот:

Ванеса Танеска, Светлана Стојаноска, Емили Лиса Стерјова, Ицо Најдовски, Јани Бојаџи, Мери Стојковска – Сартинас, Мери Божинов и Сашо Наумовски

Соработката за промоција на филмот во Австраија бил остварена преку еден кафе муабет во Скопје на режисерот и продуцент Јани Бојаџи и долгогодишниот активистот и радио водител на тукашната заедница Ицо Најдовски. Со едно ветување следното кафе да биде на сметка на Ицо во Мелбурн.

Останати вести