Полската премиерка Беата Шидло денес во Братислава, непосредно пред неформалниот самит на Европската Унија без Велика Британија, предупреди дека ЕУ ваква каква што е сега само се распаѓа и дека е неопходно да се спроведат темелни реформи за по Британија да не почнат да си заминуваат и други членки.
„Жан Клод Јункер зборува за „помалку национални држави во ЕУ”. Не. Ние велиме посилни национални држави. ЕУ ваква каква што е сега, всушност се распаѓа. Доколку не спроведеме реформи, доколку не ја смениме, и други земји ќе сакаат да ја напуштат ЕУ”, изјави Шидло за полската приватна телевизија ТВН24.
Полската премиерка ги критикуваше најавите од Брисел и од словачкото претседателство на ЕУ дека неформалниот самит утре во Братислава ќе биде пред сè посветен на тоа да се скенира Унијата и да се направи дијагноза, па дури потоа да се почне процесот за решенија кој би бил завршен на пролет во Рим на 60-годишнината од потпишувањето на Римскиот договор.
„ЕУ мора да се реформира и тие реформи мора да бидат многу длабоки. Можеби ќе мора да разговараме и за измени на основните договори. Полска презема одговорност за ЕУ. Ако ЕУ треба да опстане, ако треба да им служи на Европејците, ако треба да се фокусира на развојот и безбедноста, тогаш мора да се промени. Досегашната политика ја предизвика кризата”, кажа Шидло.
Полската премиерка ги обвини претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и претседателот на Европската комисија Жан КЛод Јункер дека кризата „ги носи нивните имиња”.
„Досегашната политика доведе до кризата. Таа криза има конкретно име, односно имињата на оние лидери кои не реагираа соодветно и навремено. Тоа се лидерите кои денес стојат на чело на европските институции. Тие денес се обидуваат да го предложат досегашниот модел на ЕУ и тврдат дека ништо не се случило”, изјави полската премиерка.