За време на одржувањето на Суперкупот во Скопје, на 8 август, полицијата приведе вкупно 14 лица, од кои шест странски државјани и осуммина македонски.
Поради нелегално препродавање на карти за натпреварот од Суперкупот полицијата приведе 2 Англичани, 2 Украинци, 1 Русин ,1 Србин и 2 Македонци.
Британците од Манчестер, Џејмс А. (44) и Ричард С. (33) се обиделе да им продадат билети за натпреварот на 21-годишниот Лапко А. и 25-годишниот Олександар од Украина. Тие, наместо на натпревар, биле проведени во полициската станица Карпош.
Поради препродажба небрендирани реквизити (дресови), полицијата приведе еден бугарски и еден македонски државјанин.
Препродавачите на билети се спогодиле со ОЈО да платат казни од по 500 евра
Петмината препродавачи на билети за Суперкупот, за кои МВР поднесе кривични пријави, веќе следниот ден се спогодиле со Основното јавно обвинителство Скопје да платат парични казни во висина од 500 евра, наместо да бидат судени на казна затвор.
„Еден од осомничените е државјанин на Република Србија, двајца се државјани на Велика Британија, додека двајца имаат двојно државјанство и на Република Македонија и на САД. Со сите нив, надлежните обвинители постигнаа спогодби за одмерување на видот и висината на кривичната санкција, со кои секое од лицата прифати да плати парична казна во висина од 500 евра. Дополнително, за лицата кои немаат македонско државјанство е предвидена и мерка протерување од земјата за време од една година”, се вели во соопштението на ОЈО.
Кривична за вработен во Aгенција за разузнавање
Вработен во Агенција за разузнавање заработи кривична пријава за „спречување на службено лице во вршење службено дејствие” бидејќи се обидел преку ред и со службена легитимација да влезе на градскиот стадион на европскиот Суперкуп.
Вработениот во Агенцијата за разузнавање, незадоволен од брзината со која се вршеле проверките, го оттурнал полицаецот во униформа по што бил приведен и однесен во полициската станица Кисела Вода каде било констатирано дека бил под дејство на алкохол.