Еден гол и три бода за лидерот
Прва фудбалска лига на Викторија
Дербито меѓу Престон Македонија и Алтона Меџик Вардар му припадна на лидерот. Даде еден гол, вреден, за три нови бода и чекор поблизу до освојување на шампионската титула. Беше тоа натпревар кој не не воодушеви, како впрочем на повеќето дерби мечеви каде обично не се гледа убав фудбал. Но и двете екипи играа во грч, стегнато, под притисок да не се прими гол.
Во првото полувреме “магичните” имаа нешто повеќе од играта, но не и шанси за голови. Повеќе се играше на нафрлени топки, каде одбраните на двете екипи беа сконцентрирани и поенергични. Сепак, во овој дел падна и единствениот гол, кој беше дело на брзиот Марковски, кој продре по десната страна, а потоа несебично го проигра слободниот Мек Шејн кој без тешкотии ја погоди мрежата на домашниот голман Линдберг. Тоа беше водство на Алтона Меџик Вардар кој го задржа до крајот на играта.
Да кажеме дека во тимот на Алтона Меџик Вардар недостасуваа неколку стандардни првотимци, како Сие, Баракат, Кларк, но тимот на Владо Тортевски сепак покажа дека е заслужено лидер на првенството. И со “крпен” тим, тактички се одигра многу добро, одбраната делуваше сигурно, цврсто, бескомпромисно и не дозволи нивниот голман Лончариќ да биде матиран.
Инаку, во предиграта резервниот тим на Алтона Меџик Вардар ја победи Престон Македонија со 2:0. В сабота се игра уште едно дерби, овојпат меѓу Алтона Меџик Вардар и Сиднам Парк Македонија на игралиштетото во Паисли Парк со почеток во 17,30 часот.
Следниот ден во недела, Престон Македонија повтоно игра на домашен терен и ја пречекува екипата на Вестгејт со почеток во 15 часот.
ПРЕСТОН МАКЕДОНИЈА: Линдберг, Анифолоу, Петровски, Дафоски, Учарли (Флеифеи), Сивевски, Стерјовски (Фаругиа), Најдовски, Мицовски, Џулиано, Турер.Тренер: Желко Поповиќ.
АЛТОНА МЕЏИК ВАРДАР: Лончариќ, Томсон, Мек Рае, Сил (Колевски), Мек Шејн, Робсон, Божиновски, Адамсон Елмази, Марковски, Хејн . Тренер: Владо Тортевски.
Трајче Бошковски