Пресуди за грабежот во Тутунска банка: 20 години затвор за крадците, а парите ги нема!

Тројцата најдиректно вмешани во кражбата на сума од над АУ$ 4.3 милиона добија вкупно 20 години затвор.

Девет години и два месеци затвор доби Бобан Смилевски за затајување и тешка кражба. Шест и пол години доби неговиот брат Горан за истите кривични дела. Обвинетиот возач Борис Мичевски за тешка кражба е осуден на затвор од 5 години и два месеци.
Судот на четвртообвинетиот Мирослав Каевски му изрече алтернативна мерка, условна осуда. Според одлуката на судот, Кавски нема да помине две години во затвор доколу во наредните пет не стори ново кривично дело
За грабежот во НЛБ Тутунска банка им се судеше на осум лица, од кои четворица признаа вина, но не кажаа каде се украдените пари: вкупно 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра.
Според одлуката на судот тројцата обвинети на кои им е изречена затворска казна во период од една година по правосилност на пресудата треба на НЛБ Тутунска банка да и надоместат 174.538.820 денари.
Обвинетите мирно ја дочекаа одлуката на судот, а највознемирени беа родителите на Бобан и Горан кои присуствуваа во судницата. Тројцата обвинети до правиосилност на одлуката остануваат во притвор.
При донесување на одлуката судот ги ценеше сите околности, а судијата Дарко Тодоровски нагласи дека за определувањето на висината на казните било земемено предвид тоа што обвинетите кога го признале делото не кажале каде се украдените пари.
Одбраната ќе се жали поради висината на казните.
„Морам да кажам дека одбраната секако очекуваше високи казни, но не во оваа мера. Постојат повисоки судови, сигурно ќе поднесеме жалба кон оваа пресуда, затоа што сметаме дека се превисоко утврдени казните. Барам од судот овој случај да го третира како и сите други случаи, посебно ова дело- тешка кражба. Во 90 проценти од случаите предметите не се вратени, па тоа не е сметано како отежителна околност во овие размери, и поради тоа не била изречена ваква затворска казна за ова дело”, изјави адвокатот Драган Пешевски.
Четворицата обвинети го признаа кривичното дело и за нив судот ја одвои постапката.

Останати вести