Дали тетовското обвинителство го штити пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, чие име медиумите го споменуваа, односно посочија дека тој пукал на свадба пред две седмици каде бил ранет неговиот син и уште едно лице? “Алфа” телевизија дојде до копија од полицискиот записник во кој еден сведок, кој бил присутен на свадбата на 30 јули, пратеникот Адеми и негов братучед се посочени дека пукале на веселбата.
“Во еден момент Џеват испукал еден рафал од црн пиштол непозната марка во вис, а за кратко време дошол и неговиот братучед, кој откако седнал до Џеват и тој извадил огнено оружје, пиштол сива боја и испукал неколку куршуми. За кратко време почнале и двајцата да пукаат рафално со нивните пиштоли, како да се натпреваруваат кој ќе испука повеќе, а откако престанале да пукаат, ги вкрстиле цевките на пиштолите и ги држеле во раце”, стои во записникот на полицијата до кој дојде “Алфа” ТВ.
Во записникот на полицијата стои дека биле ранети синот на пратеникот и уште едно лице. Полесно поврдениот е задржан во тетовската болница (наводно тоа е синот на пратеникот Адеми), додека потешко ранетиот – братучедот – е пренесен во Клиничкиот центар во Скопје.
Интересно е што нему се уште не му е изваден куршумот од градите.
Иако, во записникот на полицијата од изјавата на сведок на настанот пишува од кои оружја било пукано на свадбата на 30 јули, од тетовското Јавното обвинителство се уште се во дилема од кое оружје се пукало.
– Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово изврши увид на лице место веднаш по настанот. Притоа е составен записник. Во моментов се работи на прибирање докази и на утврдување со кое оружје е пукано, велат од ОЈО.
Во пријава на МВР стои дека има индиции дека на 30 јули била предизвикана општа опасност, што е кривично дело за кое е предвидена затворска казна до 5 години.
Откако непосредно по настанот семејството на Адеми даде изјава за јавноста во која демантираше дека ранетите биле погодени зашто пукал пратеникот на ДУИ, сега тој е сосема недостапен за изјава.