Македонскиот превод на романот „Македонка – Kнига за балканскиот фронт” од германскиот автор Ханс Ерке, војник во Првата светска војна, беше промовиран во портата „Македонија” во Скопје.
– Со промоцијата на романот на македонски јазик ние даваме придонес за зголемување на корпусот на многубројни преведени литературни и научни дела од германски автори кои заслужуваат особено внимание и се јасно препознатливи по јасно изразената македонистика и препознавање на Македонија и Македонците, особено во Првата светска војна. Министерството за одбрана преку Воениот музеј врши постојани истражувања на военото минато на Македонија со особено внимание на настаните, личностите и делата кои ги афирмираат националните вредности на Македонија и Македонците. За нас од особена важност се препознавањето на взаемноста на македонскиот и германскиот народ изразени преку контактите и врските во минатото кои се основа за изградба на денешното пријателство и соработка на сите полиња, а особено во одбраната. – истакна министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Романот го опишува животот на германските војници во Првата светска војна, кои од западниот фронт се упатуваат кон фронтот во Македонија.
– Ја отсликува и реалноста во која земјата се опишува како Македонија, војувањето е на “македонските граници” и во “македонските градови”, војниците се запознаваат со “македонските селанки и селани”, а “Македонки” и “Македонци” ги играат и пеат “македонските ора и песни” – соопшти Министерството за одбрана.
Издавањето на книгата е во рамките на заедничкото македонско-германско одбележување на 100-годишнината од Првата светска војна.