Заврши големиот проект финансиран од државата – серијата антологии на македонската книжевност од проектот „Превод на дела од македонската книжевност на шест странски јазици”, кој беше заокружена со последните девет тома преведени на француски, германски, шпански, руски, арапски и на кинески јазик.
– Антологиската едиција на македонската книжевност од сите жанрови и од сите генерации македонски творци содржи 48 дела сублимирани во седум антологии во 8 тома. Низ 25-те илјади страници на оваа антологија, во која се застапени над 200-те македонски автори, читателот може да се запознае со поезијата на македонските преродбеници Миладинов, Прличев, Kонески, Шопов, па се до најпознатите помлади поети, како Маџиров, Димковска, Ахмети, Мартиновски, Етернијан и Апостолоска. Во томовите се содржани делата на основоположниците на македонската драма и роман и нивните наследници: Чашуле, Сталев, Стефановски, Ахмети, Дуковски, потоа Попов, Абаџиев, Миневски, Андоновски. Тука се и делата на големите раскажувачи Марко Цепенков, Славко Јаневски, Блаже Kонески, па се до Игор Исаковски, Гоце Смилевски и Жарко Kујунџиски – рече министерката Елизабета Kанческа-Милевска.
Таа додаде дека едицијата „135 тома македонска книжевност”, од која е направен избор за антологиите, е преведена и на англиски јазик и дистрибуирана до повеќе од 300 библиотеки и научно-образовни институции во светот.
Антологиите опфаќаат седум книжевни рода: поезија, роман, расказ, драма, есеј, книжевна критика и литература за деца. Едицијата ја уредуваа: Бранко Цветкоски, кој, заедно со Санде Стојчевски, Раде Силјан, Веле Смилевски, Јелена Лужина, Венко Андоновски и Иван Џепароски.
Објавени се “Антологијата на македонскиот есеј”, “Антологијата на македонската литература за деца” на германски, кинески и арапски јазик, “Антологијата на современата македонска поезија” на кинески, шпански, француски и арапски јазик, “Антологијата на македонската литературна критика” на шпански јазик и “Антологискиот приказ на македонскиот роман” во два тома.