Во Генералниот конзулат на Македонија во Мелбурн беше одржан прием на кој беа доделени пофалници за матурантите кои изминатата учебна година покажаа најдобар успех по македонски јазик во Викторија:
Ангела Арсова и Николина Ѓоргиовска (VSL Keilor Downs, наставник – Весна Дамчевска), Александра Стојоска и Марија Велјановска (Epping Secondary College, наставник Гордана Јанинска) и Мила Димковска и Ангела Трајаноска (VSL Thomastown, наставник Љубица Талевска).
Македонската конзулка г-ѓа Сања Зографска-Крстеска срдечно ги поздрави присутните матуранти, нивните наставници по македонски како и директорот на Викториското училиште за јазици (VSL) Франк Мерлино и помошниците директори Стефо Стојановски и Џои Тошиќ.
– Се радуваме што нова генерација матуранти во Викторија го изучија македонскиот јазик и книжевност и со тоа станаа наши нови амбасадори на македонската култура и традиција. Овој собир е наш скромен гест со кој сакаме да оддадеме признание за вложениот труд и посветеноста на учениците и на нивните наставници, но и за поддршката што доаѓа од родителите.
Драги ученици, се надевам дека изучувајќи ја македонската литература и култура се спознавте повеќе себеси и своите корени, го спознавте светот и низ македонското книжевно творештво, преку македонските искуства, доживувања, падови и подеми, таги и радости, изразени и опеани во творештвото. Тоа е дел од вашата лична врска со татковината и предците и тоа лично богатство, верувам, ќе се надградува и понатаму низ вашиот живот, школување и работа. Тоа, секако, ја зголемува поврзаноста со татковината, што се надевам ќе остане длабока и постојана и ќе ја пренесете и на вашите поколенија. Не ги заборавајте зборовите на Блаже Конески: „Јазикот е нашата татковина”. Токму ова 2021 година се одбележуваат 100 години од раѓањето на Конески. Ви посакувам многу здравје, среќа и натамошни успеси! , рече македонскиот конзул г-ѓа Зографска.
Таа им изрази благодарност и на наставниците кои се посветени на едукацијата на нови генерации ученици од македонската заедница во Викторија.
– Особено радува фактот што успеавте одлично да се прилагодите на новите услови во наставата и да развиете креативни решенија за изучување на македонскиот јазик преку платформата Education Perfect. Со оваа дигитална алатка/програма, верувам дека и наставата по македонски јазик фаќа чекор со модерните методи за изучување јазици, бидејќи помага за споделување едукативни материјали меѓу наставниците и учениците, го олеснува вклучувањето на учениците во различни дигитални интерактивни форми на настава и овозможува поефикасно оценување на нивното знаење, рече г-ѓа Зографска.
Таа не пропушти да изрази благодарност кон Владата на Викторија и Викториското училиште за јазици што овозможуваат изучување на македонски јазик и со тоа придонесуваат за негување на нашето јазично и културно богатство.
– Многу нешта не би биле постигнати без вашата поддршка. Пример за одлично обмислена мерка на овој план, со која се промовира изучување на македонскиот јазик, како и јазиците на другите заедници во Викторија, е вреднувањето на овој предмет подеднакво како и предметите физика, хемија и др. при запишувањето на универзитетите. Со тоа се постигнува повеќекратен ефект – негување на јазичното богатство на заедниците, стимулативно се делува врз интелектуалниот развој на учениците и нивното духовно збогатување и се зголемува меѓукултурната хармонија и интеграција во општеството. Од овие австралиски искуства може да учат многу земји. На овој план има голем простор за меѓусебна соработка и остануваме посветени да работиме врз натамошното ширење и продлабочување на соработката со Македонското учителско друштво на Викторија и со Викториското училиште за јазици, заклучи македонскиот конзул во Мелбурн, г-ѓа Сања Зографска.
Поените од испитот по македонски помагаат за упис на факултет
Повеќето од наградените девојки македонскиот го полагале на крајот од 11-та година (сега се во 12-та), и очекуваат допрва да ги остварат бенефитите. Но госпоѓица Ангела Арсова, која штотуку го завршила средното образование, ни опиша колку за неа било корисно успешното полагање на македонски јазик:
– Полагањето на македонскиот јазик многу ми помогна за запишувањето на факултет, ми помогна да ги добијам поените и сега се чувствувам горда на мојот успех. Се запишав да студирам медицина на Melbourne University. Јас секогаш ќе го негувам македонскиот јазик, би сакала и моите деца да го научат. Да научат за македонската историја и некој ден да ги однесам во Македонија и да им ги покажам сите преубави места кои таа ги нуди, ни рече Арсова.
Нејзината наставничка г-ѓа Весна Дамчевска, која е и координатор на VSL во Keilor Downs, го пофали и приредувањето на самиот настан во Генералниот конзулат на Македонија.
– Ова е првпат на овој начин и на вакво ниво да се одбележи успехот на матурскиот испит по македонски јазик и мислам дека треба да стане убава традиција. Треба да знае целата наша заедница за резултатите кои ги постигнуваат учениците во училиштата каде што се изучува македонскиот, рече Дамчевска. Таа ги кани сите млади Македонци да го изучуваат македонскиот јазик.
Наставничката по македонски од Epping Secondary College, г-ѓа Гордана Јанинска, вели дека интересот за македонскиот јазик дури е во подем.
– Пред можеби десетина години си мислевме дека македонскиот јазик во школото е во опасност да исчезне, но се случува нешто што пријатно не изненади. Јас имам три класа – во седма, осма и деветта година – со по 25 ученици. За многу деца кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик во државните училишта нема место, па тие одат во саботните училишта, што значи дека интересот кај младите генерации се зголемува. Дури и кај младите од трето или четврто поколение во Австралија се одржува свеста дека се Македонци, а јазикот е она што ги потврдува во тоа, со голем оптимизам вели наставничката Јанинска.
Помошник-директорот во VSL, г-дин Стефо Стојановски, искажа пофални зборови за организацијата на настанот од страна на Македонското учителско друштво на Викторија и Генералниот конзулат.
– Убаво е да ги славиме успесите на нашите деца, да го промовираме повеќе македонскиот јазик и да напредуваме како заедница. VSL ги организира саботните часови и кај нас се две третини од учениците на македонски јазик. Соработуваме со редовните училишта, но за да имаме резултати најважно е да има партнерство со македонската заедница. Без разлика колку добри ученици се нашите деца, во изучувањето на македонскиот јазик битна е поддршката од страна на нивните родители и добрите наставници, заклучи Стојановски.


