Иницијативата на НАТО за прием на Црна Гора, може да доведе до натамошно зголемување на тензиите во Европа, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Од наша гледна точка, понатамошното проширување на НАТО во целина е процес со негативен предзнак. Тој процес со ништо не придонесува за европската безбедност, туку напротив може да доведе до натамошно зголемување на нивото на тензии на континентот, изјави Песков.
Изјавата на Песков следи откако министрите за надворешни работи на змејите членки на НАТО го потпишаа Протоколот за зачленување на Црна Гора во Алијансата.
Со ваквиот потег на министрите, Црна Гора доби статус на земја набљудувач во НАТО и од сега нејзини претставници ќе учествуваат на сите собири на Алијансата.
ГЕНЕРАЛ ШИРЕФ:
НАТО ризикува нуклеарна војна со Русија
Црна Гора ќе стане 29-ти полноправен член на НАТО дури откако Протоколот за нејзин прием ќе го ратифукуваат сите земји членки на Алијансата. НАТО ризикува нуклеарна војна со Русија во рок од една година, доколку не ги зголеми своите одбранбени способности во балтичките држави, тврди еден од најстарите пензионирани генерали на Алијансата, Ричард Ширеф.
Тој истакна дека настаните опишани во неговата книга со фиктивна тематика, со наслов „2017: Војна со Русија”, се „апсолутно возможни”.
Генерал Ширеф, кој беше заменик на врховниот командант на сојузничките сили во НАТО во Европа во периодот од 2011 до 2014 година, изјави дека е голема можноста Естонија, Летонија и Литванија (членки на Алијансата) да бидат нападнати и оти Западот треба веднаш да дејствува за да се избегне „потенцијална катастрофа”.
– За претседателот (Владимир) Путин мораме да размислуваме врз основа на тоа што го прави, а не што зборува. Тој ја нападна Грузија, го нападна Крим, ја нападна Украина… Тој напаѓа и поминува со тоа, посочи генерал Ширеф.
Северноатлантската алијанса веќе ја засили одбраната во балтичките држави, но Ширеф тврди дека НАТО „мора да го подигне степенот на безбедност на ниво на кое ќе го натера агресорот двапати да размисли пред да одлучи дали вреди да ризикува со нападот”.
Во предговорот на својата книга, генерал Ширеф е критичен кон неодамнешното ослабнување на одбраната на Велика Британија.
– Земјата, која некогаш лесно одеше и носеше голем стап, сега има гласни лидери, но благодарение на намалувањето на одбранбените капацитети, носи многу мал и импотентен стап, пишува Ширеф.