Во пресрет на зимскиот период Општина Гевгелија ќе зголемува капацитетите во прифатниот центар за мигранти на јужната граница, со цел успешно да се справи со предизвиците од бегалската криза, да се задоволат потребите на мигрантите и да се ублажат последиците од кризата врз нормалниот живот во општината.
– Во прифатниот центар ќе имаме дополнителна потреба од електрична енергија за греење, што ќе биде приоритет во овој период во кој ќе треба да решаваме и други приоритетни потреби како што се набавка на возило за комунален отпад, изградба на патот до границата со што ќе се обезбеди сообраќајно поврзување на привремениот транзитен центар и обезбедување дополнителни количини вода за пиење, изјави градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов.
Македонија декларираше дека во прифатниот центар во гевгелија одеднаш може да “регистрира” до 1,500 мигранти, а во прифатниот центар во Табановце уште 500, што заедно прави бројка од 2,000 лица кои дневно би можеле да се најдат на територијата на РМ.
Според гевгелискиот градоначалник, потребно е и отворање на нов граничен премин за кој барање до надлежните институции е испратено пред четири години.
– И без мигрантската криза го имавме тој предлог за да се олесни протокот на патниците. Сега гледаме дека е многу неопходен затоа што мигрантите регуларно и контролирано ќе ја минуваат границата, а не стихијно. Новиот премин е покрај железничката пруга, токму на местото каде што сега минуваат мигрантите, нагласи Франгов.
Владата на Јапонија најави грант во вредност од 500.000 американски долари за Македонија и Србија. Станува збор за неповратна помош за двете земји, наменета за справување со кризата со мигрантите.
ГРЦИЈА ЌЕ СМЕСТИ 20,000 БЕГАЛЦИ ПО СЕМЕЈСТВА, ЕК ОЧЕКУВА МАКЕДОНИЈА ДА СЕ ИЗЈАСНИ
Грција даде извештај за начинот на кој има намера да прими 50,000 бегалци како што беше одлучено на самитот во Брисел пред десетина дена. Од оваа бројка, 30,000 ќе бидат сместени во класични кампови, а 20,000 луѓе ќе бидат сместени во семејства, со тоа што трошоците на киријата ќе ги плати Високиот комесаријат за бегалци на ОН.
Австрија ќе прими 5,000, Србија 3,000, Хрватска 2,000, Словенија 2,000. Ова вкупно изнесува 12,000 места.
Нема информација што понудила Македонија, освен што се знае дека претседателот Иванов рече дека РМ може да се справи со “забавен транзит” на 2,000 бегалци во исто време. Ова не е исто што и подолго сместување на бегалците, како што пријавиле другите земји.
Вкупно 725,000 мигранти и бегалци пристигнале во Европа од почетокот на годината. Големо мнозинство од нив, над 579 илјади пристигнале во Грција. На второ место е Италија со над 140 илјади мигранти. Од почетокот на годината загинале 3,329 лица во обидот да стигнат од морето до континетот.